ДОЈРАН СО ДОНАЦИЈА ОД ПРИВАТНА ФИРМА ДОБИ АМБУЛАНТНО ВОЗИЛО

    ДОЈРАН СО ДОНАЦИЈА ОД ПРИВАТНА ФИРМА ДОБИ АМБУЛАНТНО ВОЗИЛОозилото постојано ќе биде во Стар Дојран, а екипи од лекар, сестра и шофер ќе се ангажираат од Општата болница од Гевгелија и Здравствен дом од Струмица.(Фото: Министерство за здравство)

    За време на туристичката сезона во Дојран ќе има 24 часовна здравствена заштита откако општина Дојран доби донација од амбулантно возило . Возилото постојано ќе биде во Стар Дојран, а екипи од лекар, сестра и шофер ќе се ангажираат од Општата болница од Гевгелија и Здравствен дом од Струмица. Ова е заклучокот од средбата помеѓу градоначалникот на Дојран Анго Ангов и министерот за здравство Венко Филипче кои разговараа, како ова туристичко место да биде покриено со континуирана здравствена заштита во отсуство на приватни амбуланти со матични лекари бидејќи во Стар Дојран каде има најмногу туристи нема матичен лекар.

    ,,Со ова донирано амбулантно возило значително ќе се подобри давањето итна медицинска помош на лицата што престојуваат овде. Од 1 јули медицински персонал од Гевгелија и Струмица ќе ротира овде со 24 часовно дежурство. Лекарите сами ќе проценат дали на пациентите ќе им биде потребна дополнителна медицинска нега во една од блиските болници или ќе биде транспортиран до клиниките во Скопје“, рече министерот Филипче.

    Од Општина Дојран се заблагодарија на ,,Руски транс” од Германија во сопственост на Македонец за донацијата. Градоначалникот Ангов кажа дека по завршување на туристичката сезона ќе се пристапи и кон реконструкција на објектот од 80 квадратни метри каде има посебни простории за прегледи, интервенции и за персонал.

    ,,Во преговори сме со јапонската амбасада која изрази подготвеност да помогне во реконструкцијата на овој објект со што значително ќе се подобрат условите на здравствените работници кои ќе работат овде. Инаку планираме објектот да го реконструираме по завршување на годинашнава туристичка сезона“, кажа Ангов.

    Минатата година во Дојран здравствени услуги се нудеа само до 20 часот со една екипа од гевгелиската болница. Во ноќните часови дојранчани и гостите мораа за било какви лекарски прегледи да ангажираат приватни возила или да чекаат најмалку по половина час за да стаса возилото на брза помош од Гевелија.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира