ДРИМ ГО НАПРАВИВМЕ АТРАКЦИЈА, ОСВЕТЛУВАЊЕТО НЕ Е ШТЕТНО ЗА ФЛОРАТА И ФАУНАТА, ВЕЛИ МЕРКО

    ДРИМ ГО НАПРАВИВМЕ АТРАКЦИЈА, ОСВЕТЛУВАЊЕТО НЕ Е ШТЕТНО ЗА ФЛОРАТА И ФАУНАТА, ВЕЛИ МЕРКОГрадоначалникот Мерко им порача на сите кои го критикуваат проектот да уживаат во убавата глетка која, според него, го менува ликот на градот. (Фото: СДК.МК)

    Осветлувањето на реката Црн Дрим во Струга, најновиот проект на Општината, предизвика бурни реакции во јавноста. Екологистите обвинуваат за негрижа и опасност за живиот свет во реката, а градоначалникот Рамиз Мерко тврди дека осветлувањето не е штетно за флората и фауната и дека проектот е вистинска атракција која ќе привлекува туристи.

    Од Хидробиолошкиот институт велат дека Општина Струга од нив не побарала мислење дали ваквото освелување е штетно за живиот свет во реката.

    „Нема место за критики од страна на екологистите бидејќи осветлувањето воопшто не ја уништува флората и фауната, напротив уште подобро ќе изгледа како аквариум. Тоа ќе биде навистина добро за нас и за гостите кои се во Струга“, вели Мерко.

    Тој им порача на сите кои го критикуваат проектот да уживаат во убавата глетка која, според него, го менува ликот на градот.

    „Сите тие требаше претходно да се интересираат и да кренат глас за чистење на ова корито, кое не личеше на река туку личеше на канал. Во октомври го исчистивме целиот тој муљ кој беше со дебелина од половина до метар и пол на одредени места, така што се создадоа услови да имплементираме еден проект кој му дава нов лик на градот. Дрим заслужува и ноќе да биде осветлен бидејќи тука доаѓаат многу гости, тука сме и ние стружани кои навистина се гордееме и со Езерото и со Дрим. Ова е уште една атракција за привлекување туристи“, рече Мерко потенцирајќи дека осветлувањето се реализира согласно регулативата за нормативно-техничките стандарди, а проектот вклучува инсталација на арматура, изработена од нерѓосувачки челик отпорен на корозија.

    „Изведувачот многу одговорно има потврдено дека во никој случај нема да има проблеми или дека струјата која е во овие сијалици од 12 волти ќе има негативни последици за луѓето“, вели Мерко.

    Изминатите денови во јавноста ваквиот потег предизвика бурни реакции, со предупредувања дека осветлувањето на реката штетно влијае на живиот свет во водата.

    „Естетски ова е одвратно. Еден значаен речен екосистем личи на базен во хотел во Саранда, од каде е и инспирано ова. Осветлувањето на речните води, го менува циркадијалниот ритам на живиот свет, се губи чуството за ден и ноќ. Дополнителното осветлување го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите, особено чуство за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката. Загадувањето со светлина значително го намалува живиот свет во градските средини, со што го спречува нивното хранење, размножување и движење“, се дел од реакциите на екологистите.

    Проектот за осветлување на Дрим ја чини Општината 110 илјади евра.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира