ДРЖАВАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ДЕВЕТ МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА СПАС НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО

    ДРЖАВАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ДЕВЕТ МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА СПАС НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВОВо 2020, црквата во Курбиново беше прогласена за културно наследство во опасност (Фото: СДК.МК)

    Девет милиони денари ќе обезбеди Министерството за култура од државниот буџет за конзервација и реставрација на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново, Преспа, која датира од 12. век и претставува бесценет културно-историски споменик. Според објавената Програма за поддршка на проекти за заштита на недвижно културно наследство за 2022, прифатени се два проекта за заштита на храмот. Едниот од пет милиони денари е за третата фаза од конзервацијата и реставрацијата на архитектурата и конструкцијата на црквата и уште четири милиони денари се за конзервација и реставрација на тамошното ѕидно сликарство.

    Во 2020, црквата во Курбиново беше прогласена за културно наследство во опасност. Во изминатите години, ѕидовите на црквата на места беа распукани, а пожолтуваа и фреските, меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил, кој оттука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.

    За Пелагониско-преспанскиот Регион, поголема сума пари е издвоена и за реализацијата на втората фаза од конзервацијата и реставрацијата на Сарајот на Нијази-бег во Ресен. каде што е сместен Домот на културата „Драги Тозија“. Со два милиона денари ќе продолжи реставрацијата на покривот почната минатата година.

    Предвидени се и 600.000 денари за реставрација и конзервација на архитектурата и ѕидното сликарство во црквата „Св. Сотир“ во село Гопеш, Битолско, а за непосредна заштита на црквата „Св. Димитрија“ во Градешница, Мариово – 300.000 денари. Средства ќе се издвојат и за реставрација и конзервација на фасадите на спомен-куќите на Гоце Делчев и Стив Наумов во Битола. За одржување на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и за други значајни зафати ќе има 500.000 денари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира