Речиси дупло е намален буџетот за животна средина на Град Скопје за оваа година во споредба со лани. Во овогодинешниот буџет за ставката животна средина се предвидени 48.800.000 денари (790.000 евра), а лани за оваа намена без извоени 88.670.000 денари (1,4 милиони евра).
Во буџетот за оваа година за следење на состојбата и подобрување на квалитетот на воздугот предвидени се 9.500.000 денари, за заштита на природните вредности и локалитети 3.500.000 денари, за интегрирани проекти за заштита на животна средина 1.600.000 денари, за вода и почва еден милиони денари и за субвенции за инвертери, велосипеди и за чистење на оџаци 23 милиони денари. За енергетска ефикасност и обновливи избори на енергија предвидено е пари да се обезбедат преку кредит кој може да варира од 50.000 до 750.000 евра во зависност од слободниот капацитет на задолжување на Град Скопје и вредноста на предложениот проект.
Градоначалничката Данела Арсовска на седницата се усвојување на буџетот на Град Скопје за 2023 кажа дека во овој буџет се целосно имплементирани нејзините проекти за модерно Скопје за разлика од лани кога не можеле многу да интервенираат бидејќи буџетот бил подготвуван од минатото градско раководство. Не објасни зошто со буџетот предложен од неа има намалување на ставката за животна средина.
Советнците од СДСМ во Град Скопје вчера побараа да се закаже вонредна седница на Советот на Град Скоје на која, како што велат, ќе предложат итно зголемување на бројот на автобуските линии и бесплатен јавен превоз, зголемување на средствата за борба против загадувањето, како и финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека нема потреба да се закажува вонредна седница, бидејќи СДСМ биле во тајна коалиција со градоначалничката Арсовска и наместо да договараат тендери да воведат мерки против загадувањето.
Скопје и оваа зима е еден од најзагадените градови во светот.
А. АНТЕВСКА