Електричните велосипеди, кои локална власт ги набави минатата година, годинава нема да можат да се користат. Тие ќе се чуваат во магацините на ЈП Парк спорт и паркинзи (ЈП ПСП), оти тоа нема можности во човечки потенцијал да ги стави во употреба. Локалната власт со договор од 27 април годинава ги предаде велосипедите на користење на ЈП ПСП.
„Постојниот кадар со кој располага ЈП ПСП дополнително е ангажиран со стопанисувањето на градскиот базен така што, невозможно е претпријатие со вкупно седум вработени заедно со директорот да постигне и да ги задоволи потребите за рекреација за ова лето на три различни локации. Мислам на спортскиот центар ‘Гемиџии’ во кој припаѓаат градскиот стадион, спортската сала, тениските терени, КГС Партизан. Невозможно е со постојниот кадар вработени кој треба ЈП да го обезбеди да се стават во функција електричните велосипеди на езерото Младост. Финансиската конструкција и анализата покажува дека без финансиска помош од Општината претпријатието не може во оваа ситуација да ги пушти во оптек ова лето електричните велосипеди“, кажа Димче Левков, директор на ЈП Парк спорт и паркинзи.
Тој најави дека максимално и посебно ќе се ангажира за следното лето на Езеро Младост да се користат 20-те електрични велосипеди.
Лани во септември, беа набавени 20 електрични велосипеди за развој на велосипедскиот туризам. Велосипедите беа обезбедени во рамките на под проектот „Смарт Езеро Младост“, со финансиска поддршка од ЕУ. Инвестицијата беше во вредност од 2.7 милиони денари и вклучува освен електрични велосипеди, смарт брави за заклучување, софтверско решение и апликација за корисниците.
П. ПЕЧКОВ