Речиси два часа траело гаснењето на пожарот кој попладнево изби на отпад кој се наоѓа во непосредна близина на бензинската станица на „Макпетрол“, на самиот излез од Тетово кон Скопје. Пожарот брзо се ширел, па постоела голема опасност да го зафати резервоарите со гориво од бензиската пумпа. Во гаснењето на пожарот веднаш се вклучила противпожарната единица од Тетово со 25 пожарникари кои создале заштитен појас околу објектите на бензиската пумпа.
„Поради близината на бензинската станица, освен за гаснење, преземавме дејствија за да спречиме ширење на огнот кон соседните објекти. Други објекти околу пожарот не беа загрозени и огнот брзо го ставивме под целосна контрола. Мислевме дека ќе биде нешто поголемо, но на терен видовме дека можеме успешно да се справиме“, кажа командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово, Авни Амети.
Според првичните информации од теренот, гореле главно стари гуми и отпад од возила. Тетовските пожарникари голема поддршка добиле и од вработените во „Макпетрол“, со активирање на своите безбедносни капацитети и обучен кадар од Штабот за заштита и спасување при складот за Течен нафтен гас (ТНГ)Гостивар.
„Со активирање на надворешната хидрантска мрежа, вработените во бензинската станица, како и обучените луѓе од просторните сили на Штабот, директно помогнавме во локализирањето и изгаснувањето на пожарот“, изјави Јовица Шуменковски, началник на секторот за безбедност во „Макпетрол“.
Откако пожарот бил целосно изгаснат на местото на настанот излегле општинските инспектори за да извршат увид, а точните причини за избувнувањето на пожарот дополнително ќе се утврдуваат.
З. АНДОНОВ



