ДВА МЕСЕЦА АЛАРМИРАМЕ ДЕКА ФАБРИЧКИТЕ АВТОБУСИ СЕ ПРЕПОЛНИ СО РАБОТНИЦИ БЕЗ МАСКА, НИКОЈ НЕ РЕАГИРА, ВЕЛАТ ОД ШТИПСКИ „ГЛАСEН ТЕКСТИЛЕЦ“

    ДВА МЕСЕЦА АЛАРМИРАМЕ ДЕКА ФАБРИЧКИТЕ АВТОБУСИ СЕ ПРЕПОЛНИ СО РАБОТНИЦИ БЕЗ МАСКА, НИКОЈ НЕ РЕАГИРА, ВЕЛАТ ОД ШТИПСКИ „ГЛАСEН ТЕКСТИЛЕЦ“Текстилните работници се превезувале како сардини во автобусите по 60 до 70 патници во еден автобус наместо по мерката за најмногу 14 патници во автобус. (Фото: Од архивата на „Гласен текстилец“)

    По информациите за континуираното зголемување бројот на новозаразени со КОВИД-19 во Штип, оти само вчера имаше нови 27 заболени, остро реагира граѓанското здружение „Гласен текстилец“. Ова здружение уште пред два месеца, кога зачестија случаите со коронавирус, до сите надлежни институции, а посебно до газдите на осумдесетте конфекциски фабрики колку што има во Штип, апелираше за преземање сериозни мерки особено за автобускиот превоз на работниците од дома до фабриките и обратно.

    „Можам слободно да речам дека мерките и контролите се задоцнети. Џабе што денеска и вчера имало обемни активности од државните институции. Инспектори од Министерството за транспорт, Државниот инспекторат и од Министерството за труд и социјална политика ги проверувале автобусите и утврдувале на кој начин се превезуваат работниците, а контроли се правеле и во фабриките“, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

    Таа додава дека сите, па и работниците, многу незериозно и прилично ноншалантно се однесуваат за мерките. Наместо по 14 работници во еден автобус, се превезувале по 60 или 70 патници. Автобусите се пренатрупани и што е најлошо, поголем дел од работниците оделе или се враќале од работа без маски и во автобусите буквално си дишеле во врат една до друга.

    Според Ампева, последното предупредување и апел го доставиле до Кризниот штаб неколку дена пред ескалацијата на заразата. Во дописот стои :

    „Мораме да изразиме загриженост поради превозот на истите тие работници кој не е соодветен со уредбата на Владата. Исто сме запознаени дека работници кои имале ист превоз со првозаразените или директни контакти, не се ослободени од работа, иако сопствениците биле информирани од релевантни институции. Денеска имаме број на заболени од нови конфекции само поради тоа што тие работници не биле ослободени од работа. Наместо тоа, некои конфекции работеа во саботите и неделите, па и за празниците и тоа во време кога имаше полициски час за што добиле некаква дозвола“, се вели во дописот на „Гласен текстилец“ до Кризниот штаб во Штип, кој дури вчера одлучи пет конфекции да престанат со работа.

    Здружението сериозно укажува и на неодговронсотга на работниците. Вчера и денеска по затворањето на петте фабрики и апелот работниците да седат дома, биле забележани голем број работнички како се шетаат низ градот, а некои од нив дури и без заштитни маски.

    Денеска во Штип од работа се ослободени и на домашна самоизолција се упатени и вработените во повеќе институции, јавни претпријатија чии жени биле позитивни на коронавирус.

    Од центарот за јавно здравје во Штип велат дека се чекаат резултатите од 60 новотестирани текстилни работнички. Првичните резултати кажуваат дека бројот на новозаболените е многу помал од вчерашниот ден, па со оглед на стагнацијата, Комисијата за заразни болести денеска не донела одлука за ставање на Штип во карантин, ниту воведување на мерката полициски час.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира