ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ ПО ОДРОНОТ ЗАВРШИ САНАЦИЈАТА НА КАРПАТА ЦУЦКА КАЈ ВЕЛЕС, СО МЕТОД ШТО ДОСЕГА НЕ БИЛ ПРИМЕНЕТ ВО ЗЕМЈАТА

    ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ ПО ОДРОНОТ ЗАВРШИ САНАЦИЈАТА НА КАРПАТА ЦУЦКА КАЈ ВЕЛЕС, СО МЕТОД ШТО ДОСЕГА НЕ БИЛ ПРИМЕНЕТ ВО ЗЕМЈАТАГрадежните работи на карпата почнаа во средина на март и чинеа 62 милиони денари (Фото: СДК.МК)

    Откако осум месеци мораа да патуваат по автопат и по 15-ина километри повеќе за да стигнат до работните места, утринското и попладневното патешествие за вработените од две големи велешки фирми, Крзнарата и месната индустрија „Агриа“, од денеска е скратено. Јавното претпријатие за државни патишта вчера објави дека заврши санацијата на свлечиштето на карпата Цуцка, на регионалниот пат Велес-Градско, близу вливот на реката Тополка. Работите ги изведе градежната фирма „Стентон градба“.

    „При работите беа изведени изградба на потпорен ѕид и санација на дел од патот близу железничката пруга кој беше уништен. Поставена е ограда која е толку силна што и натоварен камион да удри во неа нема да може да слета од патот. Поставени се мрежи кои нема да дозволат камења да паднат на патот. Асфалтиран е патот во должина од стотина метри, кој беше уништен од градежните работи“, изјави Блажо Петров од „Стентон градба“.

    Санацијата започна во средината на март, рокот на изведбата беше осум месеци, а се работеше во три фази. Еден месец побрзо од најавеното, завршија градежните работи вредни 62 милиони денари. Поради овие активности отежнато и со прекини се одвиваше железничкиот сообраќај Велес-Гевгелија.

    „Ова е прва ваква изведба во земјава. Заштита од одронување на карпа со торкетирање досега не е применувана кај нас. Со тоа се заштитени патот и железничката пруга од повторни одрони“, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

    Одронот од карпата Цуцка се случи на 13 март 2018 и ги стопираше и железничкиот и патничкиот сообраќај. Железница реагираше бргу и за два дена го отстрани одронот, додека камењата од патот, за кои беше проценето дека се тешки 25 тони, беа отстранети после 24 дена.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира