ДВОЈНО ПОСКАП ПАРКИНГ И ЗА ПАЦИЕНТИТЕ НА КЛИНИЧКИ, МЕРКА НА ГРАДОТ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО

    ДВОЈНО ПОСКАП ПАРКИНГ И ЗА ПАЦИЕНТИТЕ НА КЛИНИЧКИ, МЕРКА НА ГРАДОТ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТОПациенти реагираат дека со мерката против аерозагадувањето за двојно поскап паркинг во Клинички центар, всушност тие се казнети. (Фото:СДК.МК)

    Мерките за намалување на аерозагадувањето во Скопје, кои ги воведе Град Скопје од неделата напладне, со кои јавниот превоз е бесплатен, а паркирањето на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“ двојно поскапе, ги почувствуваа и пациентите кои со возила дојдоа во кругот на Клинички центар. Тие се револтирани што цената за паркирање е двојно зголемена и за паркингот на Клинички и прашуваат дали со мерките за загадување всушност се тие казнети.

    „200 денари за два часа паркинг на Клинички. Браво за Клинички, браво за Министерство за здравство, браво за мерките против аерозагадувањето, особено кога станува збор за хронична болест“, реагираше на социјалните мрежи мајка, која денес била на преглед на скопските клиники со своето дете.

    Други пациенти со хронични белодробни заболувања реагираат дека во услови на енормно загадување не можат да се возат во пренатрупаните автобуси, бидејќи може да закачат уште некој вирус или бактерија, одење пешки за нив не се препорачува и дека со двојно зголемената цена на паркингот практично се казнети.

    „Кога ни закажуваат термин за операција или за преглед не знаат дали дента ќе биде загадено или не, дали ќе има вонредни мерки или не. Срамота е што со мерките против загадувањето удираат по нас. Во болница одат луѓе што имаат мака, а не од ќеиф“, велат пациенти кои вчера беа на скопските клиники.

    Освен пациентите на социјалните мрежи реагираа и дел од лекарите и здравствените работници, кои минатиот месец протестираа по одлуката на Градот да им го зголеми месечниот билет од 300 на 800 денари. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов тогаш рече дека вработените на клиниките не може да бидат привилегирани и дека сите останати плаќаат толку за паркинг, а дека хаосот со паркирање во кругот на Клинички се должи на тоа што биле издадени 1.500 билети на вработените во клиниките, а капацитетот за паркирање е 670 места. Вработените на клиниките револтирани од тогашните коментари на Шилегов дека заради нивните автомобили, кои стојат на паркингот умирале пациенти во кругот на Клинички центар, велат дека сега всушност Градот заработува на маката на пациентите.

    Според податоците објавени на веб страницата на ЈП „Градски паркинг“ еден час паркирање во Клинички центар е 25 денари од час, а со 533 места за паркирање.

    Овие мерки Градот ги воведе отако Владата соопшти дека стапиле на сила мерките донесени на 28 ноември 2017 година на 40-та седница, за Скопје, Тетово, Битола и Струмица, каде два последователни дена е регистрирано аерозагадување над дозволеното.

    Министерот за здравство Венко Филипче, вели дека Министерството за здравство ќе го преземе управувањето со паркингот во кругот на Клиничкиот центар.

    „Проблемот со малку паркинг места и хаосот што е сега во кругот на Клиничкиот центар планираме да го решиме преку јавно-приватно партнерство со поставување две монтажни катни гаражи“, вели Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира