ДВОЈНО ПОВЕЌЕ СКРШЕНИЦИ ВО БИТОЛА ПОРАДИ МРАЗОТ И СНЕГОТ

    ДВОЈНО ПОВЕЌЕ СКРШЕНИЦИ ВО БИТОЛА ПОРАДИ МРАЗОТ И СНЕГОТБитола деновиве е најстуден град во Македонија, со минимални температури од -20 степени и дневни одвај до -7, а за утре и четврток се очекуваат нови врнежи снег од 25 до 30 сантиметри (Фото: СДК.МК)

     

    Двојно е зголемен бројот на битолчани со скршеници, потврдија од Клиничката болница во Битола. Ваква е ситуацијата по снежните врнежи и ниските температури кои само во текот на ноќта паднаа до -20 степени Целзиусови, па предизвикаа и подмрзнување на улиците. Од болницата велат дека медицинските екипи во Одделението за ортопедија се зголемени, а салите работат деноноќно.

    „Бројот на скршеници е за педесет проценти зголемен откако падна снегот. Најголем е бројот на постари лица со скршеници. Состојбата е последица на студот, мразот и големата радвиженост за празниците. Ортопедското одделение е преполно со пацинети, се прават напори одредени пацинети да се препуштат на Физикалното одделение. Екипите во Ортопедското одделение се зголемени и салите работат деноноќно. Се апелира старите лица без потреба да не изглегуваат, бидејќи кај нив рехабилитацијата од скршеници е многу тешка“, вели Сузана Конеска, портпарол на Клиничката болница од Битола.

    Од Јавното претпријатие „Нискоградба“ велат дека исчистени се улиците од прв и втор приоритет, а до денес се фрлени околу 190 тони сол и 120 метри кубни ризла.

    „Ниската температура нормално дека го отежнува чистењето на улиците. Плус, има возила паркирани по коловозите и има опасност од лизгање. Се подготвуваме за утре и четврток кога се очекуваат нови врнежи снег од 25 до 30 сантиметри“, рече Методија Сијалновски, директор на „Нискоградба“.

    Битола деновиве е најстуден град во Македонија, со минимални температури од -20 степени и дневни одвај до -7.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари