Со блокада на дел од регионалниот пат на излезот од Битола кон Прилеп семејствата со деца со попречености побараа од државата двојно да се зголеми посебниот додаток, додатокот за туѓа нега, на децата да им се обезбедат персонални асистенти или минимална плата за еден од родителите.
„Пред две недели беа поднесени предлог-измени во Законот за детска заштита во делот за посебен додаток. Пратениците не го изгласаа. Додатокот изнесува 5.000 денари и бараме да се зголеми за 100 отсто. Да се вратат измените во Парламентот и да се изгласаат. 30 години од осамостојувањето на државата парите не се покачени, а сè е поскапено. Сите излегуваат на протест, преговараат, а со нас никој не преговара“, рече Горан Камчевски, родител на дете со попреченост.
Родителите се жалат дека веќе две недели се зборува за бугарскиот клуб во Битола, а никој нема слух за нив иако се најранлива категорија. Добар дел од нив не можат да основат редовен работен однос зашто мора 24 часа дневно да се со децата, па така остануваат без никакви примања.
„Се боревме да добијат асистенти, го нема тоа, па едниот родител мора да биде постојано со детето. Бараме на едниот родител да му се даде минимална плата за да има со што да ги покрие трошоците за лекови, памперси за децата. Тема на вестите е бугарскиот клуб, а за нис никој нема слух“, рече Гоце Лефтеровски, родител.
Во Македонија има околу 15.000 деца и возрасни лица со попречености. Нивните семејства, ако не наидат на слух кај државата, в петок ќе протестираат пред Владата во Скопје.
Ж. ЗДРАВКОВСКА