Службата за домашна посета при Здравствениот дом во Куманово има двојно повеќе работа откако се зголеми бројот на заразени од коронавирусот во градот. Наместо некогашните четириесетина пациенти, сега екипите дневно вршат над сто посети на пациенти болни од хронични болести или со коронавирус.
„Откако започна коронакризата имаме повеќе од дупло работа. Последниве денови од 50 до 60 пациенти дневно се со ковид кај кои одиме да ги боцкаме дома и уште четириесет кои имаат потреба од наша помош, а се со интернистички или невролошки проблеми. Голем дел од овие пациенти примаат терапија и по двапати на ден. Често имаме и случаи кога пациентите ќе ја поместат иглата и инфузијата не им тече, па мора да одиме по вторпат да ја вклучиме, сето тоа е дополнителна работа којшто треба ние да ја завршиме“, велат вработени во Здравствениот дом Куманово.
Поради зголемениот обем на работа, домашните посети ги вршат 5 екипи, но ако продолжи трендот на зголемување на заболените ќе мора да се ангажираат и дополнителни екипи.
Здравствените работници се опремени со соодветна заштита, а на терен одат со скафандери, маски, визири, а откако ќе се вратат се соблекуваат во дворот и се врши целосна дезинфекција на опремата што ја носат и на возилата.
Вработените кажуваат дека тие покриваат голема територија не само во градот, туку и во селата во Куманово и Старо Нагоричане.
Тие апелираат до граѓаните сериозно да ги сфатат опасностите од ширењето на коронавирусот и да ги почитуваат мерките за заштита.
С. НИКОЛИЌ