Двокатниот авотобус во Охрид, еден од неколкуте кои бившата влада им ги даде на користење на неколку македонски градови покрај оние во Скопје, пред повеќе од една година мистериозно исчезна, но исто така мистериозно се појави пред спортската сала „Билјанини Извори“.
„Двокатниот автобус беше донесен пред платото на спортската сала во очи на сега завршените локални избори за градоначалник и советници на Охрид. Го донесоа од фабриката во стечај ЕМО каде што беше сокриен, иако некои велат дека таму бил даден на поправка откако вандали пред повеќе од една година му ги искршија сите стакла и шофершајбната. Наводно, веќе во ЕМО не можеле да го чуваат, бидејќи објектот во кој бил сместен бил даден на продажба”, вели вработен во јавното претпријатие „Билјанини Извори“.
Во времето кога автобусот го немаше пред платото на спортската сала, актуелниот директор на ЈП „Билјанини Извори“ Ристе Мишев не одговори на нашите повици за да каже каде исчезна двокатниот автобус, но затоа се потруди да го донесе токму пред локалните избори. Тој и сега не одговори на прашањата за двокатниот автобус. Мишев на ова место дојде како кадар на ВМРО-ДПМНЕ и близок соработник на сега веќе бившиот градоначалник Никола Бакрачевски.
Двокатниот автобус кога беше донесен во Охрид беше најавуван како една од позначајните атракции за туристите и беше наменет за панорамско разгледување на градот.