Членовите на аренби дуото ДНК, бендот и придружните вокали кои ноќеска настапувале во дискотеката во „Пулс“ во Кочани во која изби пожар и загинаа најмалку 50 лица, се дел во болница, дел на домашно лекување, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од семејството на еден музичарите и од тимот на групата.
Од тимот на бендот ни рекоа дека според информациите кои ги имаат досега, музичарите се однесени во болница, дел во Скопје, дел во Штип.
Еден од членовите на бендот е на домашно лекување во Скопје. Откако се случил пожарот, бил однесен во болницата во Кочани, каде што примил инјекција со кортикостероид, а потоа пријатели со автомобил го однеле дома во Скопје.

На Инстаграм профилот на дискотеката „Пулс“ последна објава е реклама за концерт на ДНК на 15 март (Фото: Инстаграм)
Од семејството на музичарот ни рекоа дека членовите на бендот меѓусебно не знаат кој е во каква состојба.
Од тимот на ДНК велат дека уште чекаат официјални информации за здравствената состојба на музичарите.
Пожарот избувнал околу 3 часот, неофицијално поради употреба на пиротехнички средства на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез.
Според снимките од концертот споделени на социјалните мрежи, додека пее групата проследено со пламени прскалки, почнува да гори конструкција на таванот која за неколку секунди се разгорува, кусо потоа се обидуваат да го изгасат со противпожарни апарати, при што се слуша глас на микрофон кој вика „Излезете сите“.
Дискотеката „Пулс“ во Кочани пред три ипол месеци прослави 12 години постоење. Досега, во диското настапувале повеќе македонски пејаи и диџеи и гости од регионот: Антониа Гиговска, Влатко Лозаноски, Тајзи, Бени и „Нон стоп“, „Нокаут“ и други.
М. ЏАРОВСКА