ЕДЕН ПОЧИНАТ И ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ ОТКАКО ВОЗ УДРИ ВО ВОЗИЛО КОЕ НОСЕЛО ПАЦИЕНТИ НА ДИЈАЛИЗА КАЈ ГРАДСКО

    ЕДЕН ПОЧИНАТ И ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ ОТКАКО ВОЗ УДРИ ВО ВОЗИЛО КОЕ НОСЕЛО ПАЦИЕНТИ НА ДИЈАЛИЗА КАЈ ГРАДСКОМакедонски железници соопштија дека во моментот на несреќата работела и светлосната и звучната сигнализација на преминот на стојалиштето кај село Ногаевци. (Фото: СДК.МК)

    Трагично заврши патувањето на дијализа до велешката Болница на 23-годишниот  М. Ѓ.  од велешкото село Ногаевци. Тој на пладне загина откако автомобилот со кој организирано се превезувани лицата кои треба да одат на дијализа, бил удрен од товарен воз на обезбеден железнички премин. Четворица се повредени, од кои двајца полесно и двајца потешко.

    „Околу 12,10 часот, на железничката пруга помеѓу железничките станици Згрополци и Градско, на патниот премин кој е обележан со светлосна и звучна сигнализација, на стојалиштето кај село Ногаевци случена е сообраќајна несреќа во која учествувале товарен воз кој сообраќал на релацијата Трубарево – Градско и патничко моторно возило марка ‘форд галакси’ со велешки регистарски таблички“, соопшти МВР.

    На местото на сообраќајката била екипа на Итната медицинска служба од Велес со две возила и две лекарски екипи.

    „На сите четворица им е пружена неопходната помош и се пренесени во Општа Болница Велес. За едно лице екипата констатираше смрт на лице место“, соопшти д-р Страхил Тодоров портпарол на Итната медицинска помош.

    „Околу пладне на Одделението за ортопедија донесени се четворица пациенти, повредени во сообраќајна несреќа. Една пациентка на 57-годишна возраст е со скршеници на коски на лицето и поради сериозноста на повредите е префрлена на Клинички центар во Скопје. Тројцата пациенти од машки пол се задржани и се извршени рендгенски и лабораториски испитувања, кај двајца има тешки телесни повреди, едниот со скршеници на ребра, другиот со скршеници на колк и кај третиот има телесни повреди“, изјави д-р Тодор Јаковлев, портпарол на Општа Болница Велес.

    Мештаните на село Ногаевци кои беа на лице место, беа длабоко погодени од смртта на младото момче.

    „Тој една година има како започна да оди на дијализа во велешката болница секогаш седеше на задното десно седиште. Возилото доаѓаше во понеделник, среда и петок и носеше лица на дијализа од Градско, Виничани и на крај ги земаше од Ногаевци. Не можам да сфатам како шоферот кој е искусен не го видел возот кој доаѓа или лошо пресметал дека е побрз од него и решил да го мине преминот“,  кажа жител на село Ногаевци.

    На лице место беше и увидна екипа на Македонски железници. Тие кажаа дека извршиле увид на видеоснимките од преминот и од нив јасно се гледало дека во моментот на доаѓањето на товарниот воз и звучната и светлосината сигнализација работела. Увид изврши и обвинител на ОЈО Велес, подигнати се траги од лице место, издаден е налог за техничка проверка на возилото, а телото на починатото момче е предадено на обдукција.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира