Од Центарот за јавно здравје на Куманово, кој ги покрива и општините Липково и Старо Нагоричене, соопштија дека единаесет од новозаболените и двајцата починати од коронавирус се од селата во Општина Липково, а еден во Куманово. Новите случаи на заболени се од познати кластери од селата Слупчане – 5, Матејче – 4, Лојане – 1 и Никуштак – 1. Тестирањето е направено во саботата на 30 граѓани.
„Исто така, имаме двајца починати. Тие се исто така од Општина Липково, од селата Слупчане и Никуштак. Наглото зголемување на бројот на заразени се должи на начинот на живот. Граѓаните не ги почитуваат мерките, по цел ден се заедно и се групираат, одат во семејни посети. Секојдневно ги гледаме како одат во кафулиња и не веруваат на вирусот“, вели директорот на Центарот за јавно здравје Куманово Ариф Љатифи.
Тој ги повика жителите на Липково да ги почитуваат мерките, да носат заштитна маска и да држат дистанца, бидејќи КОВИД-19 е опасен вирус и мора сериозно да се сфати.
С. НИКОЛИЌ