ЕДНА ГОДИНА И ТРИ МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА АНЕСТЕЗИОЛОГОТ ТИКТОКЕР ОД ТЕТОВО КОЈ НЕОВЛАСТЕНО СНИМАШЕ ПАЦИЕНТИ

    ЕДНА ГОДИНА И ТРИ МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА АНЕСТЕЗИОЛОГОТ ТИКТОКЕР ОД ТЕТОВО КОЈ НЕОВЛАСТЕНО СНИМАШЕ ПАЦИЕНТИАнестезиологот Валтон Дервиши денеска во Основниот суд Тетово призна вината и кажа дека се чувствува одговорен за тоа што го сторил. (Фото: СДК.МК)

    Анестезиологот од тетовската Клиничка болница Валтон Дервиши, кој неовластено ги снимаше пациентите и снимките ги пушташе на социјалната мрежа ТикТок, доби единствена казна затвор во траење од една година и три месеци. На денешното судење во основниот суд во Тетово, тој ја призна вината и се чувствува одговорен за тоа што го сторил, рече дека нема повеќе да го повтори тоа, а воедно им се извини на сите оние кои ги снимал и кои на тој начин ги повредил.

    Судијата Назиф Иљази во образложението за изречената казна истакна дека обвинетиот Валтон Дервиши е виновен затоа што на 14 април оваа година како службено лице вработено како анестезиолог во Клиничка болница, несовесно постапил во вршење на своите овластувања на тој начин што неовластено направил видеоснимка во одделот за гинекологија и тие во живо ги пренесувал на социјалната мрежа ТикТок.

    Обвинетиот Дервиши со ова сторил две кривични дела: кривично дело „Несовесно работење во службата“ и кривично дело „Неовластено снимање“. За првото кривично дело судот му изрече казна затвор во траење од една година, додека за второто кривично дело доби казна затвор од 5 месеци, односно судот му одреди единствена казна во траење од 1 година и три месеци, во која му се засметува и времето поминато во притвор.

    Анестезиологот Валтон Дервиши е обвинет за кривично дело „Несовесно работење во службата“ и кривично дело „Неовластено снимање“. (Фото: СДК.МК)

    Судот исто така одлучи до правосилноста на одлуката обвинетиот да биде пуштен од притвор, во кој досега се наоѓаше, и да биде ставен во куќен притвор во траење од 60 денови.

    Минатиот месец анестезиологот Валтон Дервиши, додека бил на смена во гинеколошкото одделение на Клиничката болница во Тетово, неовластено со мобилен телефон ги снимал пациентите и колегите на одделението и снимката ја емитувал во живо на социјалната мрежа Тик Ток. Ова предизвика голема реакција и негодување кај граѓаните на Тетово а и пошироко во целата држава, поради што веќе наредниот ден тој беше притворен, а од страна на Клиничката болница веднаш беше покрената дисциплинска постапка и беше разрешен од работното место.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира