ЕДНА ГУСКА ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ИМАЛА ПТИЧЈИ ГРИП, ГРАДИНАТА ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕНА 21 ДЕН, ВЕЛИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО

    ЕДНА ГУСКА ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ИМАЛА ПТИЧЈИ ГРИП, ГРАДИНАТА ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕНА 21 ДЕН, ВЕЛИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВОКако дел од мерките за безбедност хумано се убиени 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Кај една гуска која угинала во скопската Зоолошка градина е утврдено присуство на птичји грип и затоа е спроведен надзор, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство откако од утрово градината е затворена. Заради мерки на безбедност извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, а градината ќе биде затворена 21 ден.

    „Забранет е влез и излез на животни од Зоолошката градина, ограничено е движењето на луѓе, наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици во градината за присуство на вирусот на птичји грип и зголемување на биосигурносните и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од Зоолошката. Мерките ќе бидат на сила 21 ден, почнувајќи од денеска, за кој временски период Зоолошката градина ќе биде затворена за посетители“, се вели во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.

    Оттаму велат дека досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако е повеќе години во циркулација во земјите од ЕУ.

    Од Зоолошката градина, пак, денеска обвинија дека акцијата во Зоолошката е со политичка позадина од страна на Владата, со цел да се затвори градината.

    „Повторно се потврдува секташката политика на владата на Христијан Мицкоски. Изутринава, без налог, решение или каков било друг доказ, инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр на птиците. Без образложение и без доказ до овој момент, овие лица по наредба на директорот на АХВ убија десетици птици кои слободно се шетаа во Зоолошката градина“, соопштија од Зоолошка и најавија кривични пријави.

    Последните потврдени случаи на птичји грип во Македонија беа во 2022 во населените места Градец, Лески и Виница, Селце во Општина Штип и во близина на Злокуќани, Општина Карпош.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира