ЕКО АВТОБУСИТЕ ОД ПРИЛЕП ЌЕ ОДАТ НА СЕКОИ 5 ДЕНА ПО ГОРИВО ВО БИТОЛА

    ЕКО АВТОБУСИТЕ ОД ПРИЛЕП ЌЕ ОДАТ НА СЕКОИ 5 ДЕНА ПО ГОРИВО ВО БИТОЛА„Жално е нови, еколошки автобуси да стојат надвор од употреба, кога има начин како да се полни гориво“, вели градоначалникот Илија Јовановски-Од промовирањето на новите автобуси во саботата на која присуствуваше премиерот Зоран Заев. (Фото: Влада на РСМ)

    Новите автобуси на метан кои во саботата беа пуштени во сообраќај во Прилеп, ќе полнат гориво на секој 5 дена во Битола. Во Прилеп нема станица за метан, па затоа еколошките автобуси за да бидат пуштени во сообраќај ќе мораат да одат по гориво во соседниот град Битола.

    Градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јовановски вели дека станицата за метан на „Макпетрол“ требала да биде готова во јуни, но се доцни со изградбата, па за да не стојат автобусите во гаража, додека биде готова ќе се полни гориво во Битола.

    „Жално е нови, еколошки автобуси да стојат надвор од употреба, кога има начин како да се полни гориво. Не треба да се оди секој ден до Битола туку на секои пет дена. Трошоците и на овој начин се многу помали од оние кои ги имавме со автобусите на нафта. Одење и враќање од Битола за еден автобус ќе чини 1.000 денари. Старите автобуси дневно трошеа 100 евра за гориво, а за новите еко автобуси трошоците ќе бидат 40 евра од ден“, вели градоначалникот Јовановски.

    Тој додава дека од „Макпетрол“ им било ветено дека станицата за метан ќе биде готова за три месеци.

    „Изградбата на метански станици се одвива по однапред утврдена динамика согласно нашите деловни и инвестициски планови“, велат од „Макпетрол“.

    Јавниот превоз во Прилеп досега имаше 6 автобуси на нафта. Јовановски вели дека постојано се расипувале и за поправки и резервни делови трошеле околу 10 милиони денари годишно. Јавниот превоз е бесплатен за пензионерите секој ден од 8 до 12 часот.

    Четирите еко автобуси чинат близу еден милион евра и ќе се исплаќаат четири години, со годишна рата од 15 милиони денари, без камати. Производител на автобусите е јапонската компанија „Исузу“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира