ЕКО ДРВОТО ВО ТЕТОВО, ДОНАЦИЈА ОД ГЕРМАНИЈА ВРЕДНА 25.000 ЕВРА, СЕ ИСУШИ ОТИ ПРЕГОРЕ ВОДНАТА ПУМПА

    ЕКО ДРВОТО ВО ТЕТОВО, ДОНАЦИЈА ОД ГЕРМАНИЈА ВРЕДНА 25.000 ЕВРА, СЕ ИСУШИ ОТИ ПРЕГОРЕ ВОДНАТА ПУМПАПоради нередовно полнење на резерварот на еко дрвото со вода, прегорела водната пумпа и целиот систем за наводнување престанал со работа, па тоа се исуши (Фото: СДК.МК)

    Eко дрвото, кое лани во март беше поставено во центарот на Тетово, целосно се исуши поради технички дефект на водната пумпа. Еко дрвото вредно 25.000 евра беше подарок од Германија. Неговата намена е преку посебниот вид мовести растенија кои се вградени во него да го прочистуваат загадениот градски воздух од штетните ПМ10 и ПМ5 честички.

    „Ние на пролет го пуштивме системот за наводнување и ги информиравме општинските власти да ја мониторираат состојбата на еко дрвото и редовно да ни праќаат фотографии и информации за неговата состојба. Мовта што е посадена во еко дрвото преку зима се суши, што е вообичаена појава кај сите поставени еко дрва, не само кај нас туку и во многу земји во светот каде има поставено вакви еколошки инсталации. Со доаѓањето на пролетта и со постојано наводнување мовта требаше да оживee и да ја поврати својата зелена боја, како што впрочем се случи и со еко дрвото во Скопје и кое сега добро напредува. Но тоа со еко дрвото во Тетово не се случи тоа. И покрај нашите барања, од Општината не добивавме никакви информации за состојбата на тетовското еко дрво. Праќавме СМС пораки, мејлови, но залудно. Кога пред една недела колегите од Германија дојдоа кај нас, заедно направивме мониторинг и инспекција на еко дрвото во Тетово, при што констатиравме дека поради нередовно полнење на резерварот на еко дрвото со вода, прегорела водната пумпа и целиот систем за наводнување престанал со работа. По ова ние ја информиравме Општината за состојбата со еко дрвото. Но освен прегорената пумпа за вода, констатиравме и оштетувања на лимената конструкција и на клупите за седење,  демолирање на дел од конструкцијата, а видовме дека и многу садници се украдени од несовесни граѓани“, вели Ана Лешоска Чоловиќ од невладината „Еко свест“ од Скопје, која во соработка со германсата амбасада пред една години го поставија еко дрвото во градот.

    Од „Еко свест“ велат дека веќе се нарачани делови меѓу кои и нова водна пумпа, како и нови растенија кои наскоро треба да се постават на местото на исушените и на оние кои несовесните граѓани си ги земале и си ги носеле дома. Но од „Еко свест“ велат дека ова може да биде и залудно ако еко дрвото остане на истата локација, па ќе побараат негово преместување на место на кое ќе биде позаштитено од разните вандали.

    „Ако не се дилоцира еко дрвото јас не знам колку е разумно ние пак тука да садиме, па после некое време да ги испокрадат садниците или поради неодговорност, дрвото повторно да се исуши. Сакаме да им предложиме на општинските власти еко дрвото да се дислоцира на некое место каде ќе биде под видео надзор. Ние не можеме вечно да го поправаме еко дрвото, бидејќи тоа сега е под надзор на Општината. Таа треба биде поангажирана во зачувувањето на дрвото и навреме да реагира ако настане некој дефект или друго оштетување“ , вели Лешоска Чоловиќ.

    Од службата за контакти со јавноста на Општина Тетово велат дека се запознаени со состојбата на еко дрвото во Тетово. Тие, како што велат, ставале вода во резерварот на еко дрвото, но увиделе дека пумпата за вода е прегорена. Затоа тие сега чекаат дојдат Германците да донесат нова водна пумпа и нови садници, со што еко дрвото целосно би се обновило.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари