Пловните објекти што ги исфрлаат од употреба во земјите на ЕУ и од швајцарските езера масовно се увезуваат за пловење по Охридското Езеро, предупредуваат екологистите загрижени дека ако не се стави ред во пловидбата ќе се уништи биодиверзитетот на Езерото. Расте бројот на пловни објекти во Охридското Езеро, од брзи глисери, бродови, па сè до во последно време популарните катамарани, кои го заменија традиционалното кајче за прошетка на туристите. Од Капетанијата велат дека катамараните, иако се купени на старо се еколошки, но екологистите велат дека ако не се пропишат еко-стандарди, не се ограничи бројот на пловни објекти и не се утврди со закон просторот каде може тие да пловат, последиците за Езерото ќе бидат катастрофални.
Според нив, со новиот План за управување на Охридското Езеро е утврдено кои активности се дозволени, почнувајќи од капење, па сè до пловење и тоа треба да се имплементира во законска регулатива за внатрешна пловидба.
„За жал, според постоечките регулативи ниту Капетанија ниту некој друг има сознанија во даден момент колку пловни објекти има во Охридското Езеро. Нема контрола, не се воведени патеки за пловење или простори со забрана за пловење. Според новиот План за управување со Охридското Езеро, се направи планирање на зони кои би биле строго заштитени за пловидба онаму каде се рибните пловишта, каде се одвива мрестот на рибата“, вели Зоран Спирковски од Хидробиолошкиот институт во Охрид.
Според Спирковски, голем проблем е и квалитетот на моторите кои се дозволени кај нас, односно немањето ограничување за нивната емисија на гасови. Вели дека при регистрација не се бара дозвола за кој тип еко-стандарди треба да имаат пловилата.
„Се носи она што не се користи на запад, исто како и автомобилите, и се зголемува загадувањето. Мора да има регулација и по овој основ, мора да се фаворизираат пловила на електричен погон и на погони на едра и да се знае колкав е капацитетот на носивост на Езерото за пловни објекти и за кој тип на пловни објекти. Катамараните имаат и бучавост која создава турбуленција, а се присутни и онаму даде што не треба и во периодот на природно размножување на рибите во мрестот. Тоа негативно влијае, бидејќи рибите го избегнуваат тој реон и треба за заземат други места кои можеби се неповолни за нив онаму каде тоа претходно не го правеле“, вели Спирковски.
Од Охридската Капетанија уверуваат дека опасност во делот на загадувањето не постои оти пловилата, а посебно катамараните, имаат четворотактни мотори.
„Катамараните се донесени од САД. Имаат погон на внатрешно согорување, но за нашево езеро со оглед на неговата површина треба и ќе бидат застапени. Имаат понови мотори на производство, што значи дека еколошките стандарди се запазени. Сезоната и експлотацијата на пловните објекти во Охридското Езеро е толку кратка, така што долг период нема никаква пловидба. Истото важи и за глисерите кои се користат само за сезона во време од само два месеци. Останатите десет месеци нема пловидба“, вели капетанот на Капетанија на пристаништата Горан Устијаноски, кој најави дека измените на Законот за внатрешна пловидба ќе предвидат одредени ограничувања во однос на увоз на мотори со внатрешно согорување според одредени еколошки стандарди.
Во регистарот на Министерството за транспорт и врски се впишани околу 2.500 пловни објекти, но поголем дел од нив повеќе не се во функција, а дел пловат и на други места. Во текот на летото, во Охридското Езеро има до 250 усидрени пловила. Од нив, 30-тина се катамарани со алуминиумска конструкција, за кои езерските власти тврдат дека немаат корозија, материјалот е траен па затоа не се штетни и се користат за комерцијални потреби како такси-чамец за прошетка на туристите.
Традиционалното охридско кајче сè помалку го има. Од Капетанијата велат дека последниве години старите мајстори изработувале годишно по 4-5 нови кајчиња за да се зачува овој препознатлив белег на Езерото.
С. ВРЕНЦОВСКА