ЕКСДИРЕКТОРОТ НА „БЕТОН – ШТИП“, СВЕДОК НА СЈО ЗА „СКОПЈЕ 2014“, СО КОЛАТА ПАДНА ВО РЕКАТА ОТИЊА

    ЕКСДИРЕКТОРОТ НА „БЕТОН – ШТИП“, СВЕДОК НА СЈО ЗА „СКОПЈЕ 2014“, СО КОЛАТА ПАДНА ВО РЕКАТА ОТИЊА Возилото на Бреслиски падна во реката поладнево, во време кога учениците од двете блиски училишта одат или се враќаат од училиште, а за среќа никој не е повреден (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот директор на  градежното претпријатие„ Бетон – Штип“ Илија Бреслиски,  сведок на СЈО во случајот „Тендери“ за проектот „Скопје 2014“, денеска попладне слетал со својот автомобил во коритото на реката Отиња, во центарот на Штип кај хотелот „Оаза“, меѓу камениот мост и мостот кај гимназијата „Славчо Стојменски“.

    Бреслиски  (70) го паркирал автомобилот кај блиското кафуле каде бил со пријателите. Станале да си одат и кога го активирал автомобилот, наеднаш возилото почнало да се движи во рикверц и се струполило во коритото на реката Отиња. За среќа, на пешачката патека покрај реката немало никого и за неколку секунди се нашол во најдолниот речен дел на коритото .

    По настанот, Бреслиски излегол од возилото и седнал на најблиската клупа без некои особени повреди. Сепак, лекарите од амбулантно возило кое веднаш пристигнало му укажале помош, како и на неговиот пријател, кој кога требало да влезе во автомобилот на тргнување бил удрен од вратата на возилото кога тоа тргнало наназад. Полицијата извршила увид и според искажувањето на возачот, возилото кога било ставено во погон наеднаш како со закочен волан тргнало во рикверц и завршило во коритото на Отиња.

    „Бетон – Штип“ е замешан во предметот на СЈО „Тендери“ против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е обвинета за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања за местење тендер. Според воведните зборови на СЈО на судењето, поранешниот генерален директор на „Бетон – Штип“ Илија Бреслиски во улога на сведок тврди дека обвинетата Канческа-Милевска како министерка за култура во 2011 му кажала градежната компанија да ги изведе сите градежни работи пред Музејот на ВМРО и да не го чека тендерот, бидејќи средила да го добие неговата компанија.

    Според истражувањето на БИРН, „Бетон Штип“ има работено како изведувач на седум објекти од проектот „Скопје 2014“ за вкупна вредност од 55 милиони евра. Најголеми договори има склучено со државата за ФИНКИ – 12.804.035 евра, МЕПСО – 10.579.065 евра и за заедничката зграда на Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј – 9.064.807 евра.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира