Европската унија наредната година во Тетово ќе започне со градба на пречистителна станица за отпадни води. Ова го најави амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар кој заедно со својот колега амбасадорот на Кралството Шпанија, Абароа Каранса, престојуваа во посета на општина Тетово каде имаа средба со градоначалничката Теута Арифи.
„ЕУ е многу присутна во општина Тетово преку повеќе различни проекти. Така од следната година ќе го започнеме проектот за изградба на пречистителна станица за третирање на отпадните води, проект кој биде вреден околу 30 милиони евра“, најави амбасадорот Жбогар.
На прес-конференцијата по разговорите со градоначалничката Арифи, амбасадорот Жбогар зборуваше и за престојните парламентарни избори во Македонија.
„Со оваа посета сакаме да покажеме дека ние од ЕУ се грижиме за граѓаните на вашата земја и за нејзината иднина. Првиот чекор и предуслов кон таа цел е одржување на правични, демократски и кредибилни избори . Ова е првиот предуслов кон вистинско внатрешно нормализирање на вашата земја а потоа и нормализирање на односите со ЕУ за да може земјата, веднаш по изборите на 11 декември, да се врати на патот кон ЕУ. Ако се одржат вакви избори тоа ќе биде вистинска можност сите ние повторно да се ангажираме во односите помеѓу ЕУ и вашата земја. Во овој момент веруваме дека изборниот процес е кредибилен, беа запазени сите рокови а гледаме и подобрување во известувањето на медиумите. Ние како ЕУ очекуваме веродостојни избори кои што ќе бидат набљудувани од страна меѓународни монитори и чија што проценка ќе биде клучна за нашата понатамошна проценка“, изјави амбасадорот Жбогар.
На новинарско прашање како ги коментира најновите објави од СЈО, амбасадорот Жборар изјави:
“Ние не коментираме судски процедури и истраги. Сите политички партии се обврзаа да дадат поддршка на СЈО и мислам дека таа канцеларија треба да се остави да ја работи својата работа а тоа веќе го прави. Мислам дека да ги оставиме работите да течат таму каде им е местото а тоа е во самите судови, а кампањата на политичките партии треба да се заснива на аргументи и идеи како земјата да се придвижи што е можно побрзо напред“.