ЕВЕНТУАЛНОТО БУГАРСКО „НЕ“ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ НЕМА ДА ЈА НАРУШИ БЕЗБЕДНОСНАТА СОСТОЈБА ВО ДРЖАВАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ

    ЕВЕНТУАЛНОТО БУГАРСКО „НЕ“ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ НЕМА ДА ЈА НАРУШИ БЕЗБЕДНОСНАТА СОСТОЈБА ВО ДРЖАВАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИСпасовски го потврди ставот на Владата дека за идентитетските прашање не се разговарало и нема да се разговара (Фото: СДК.МК)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е убеден дека бугарското „не“ за почеток на преговори со ЕУ не може да биде причина за нарушување на безбедносната состојба во земјата. Тој уште еднаш потврди дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се нешто за кое никој
    нема право да разговара во ниеден момент.

    „Нарушување на безбедносната состојба во државата нема и не може да има. Нема никакви индиции за тоа, затоа што институциите на државата функционираат нормално и сите елементи од безбедносниот сектор се насочени кон тоа да ги зачуваме мирот и безбедноста. Тие, исто како здравјето и животот, немаат цена. Што се однесува до преговорите, ние како Влада правиме сѐ за на принципиелна основа да постигнеме компромис за отворените прашања. Ние остануваме посветени на нашиот европски пат. Како Влада во изминативе години покажавме дека знаеме да решиме прашања, да затвориме тешки прашања и да ги отвориме перспективите за граѓаните, меѓутоа тоа треба да биде на принципиелна основа, со почитување едни со други“, изјави Спасовски.

    Тој уште еднаш го потврди ставот на Владата дека за идентитетските прашање не се разговарало и нема да се разговара.

    „Историјата ќе ја оставиме на историчарите и тие нека разговараат за тоа што се случувало во минатото, ама не смееме да останеме заробени во минатото, туку треба да гледаме кон иднината. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се нешто за кое никој нема право да разговара и не разговара. Може да разговараме за сите други прашања кои претставуваат некаков интерес, но не и за идентитет и јазик“, кажа министерот Спасовски при посетата на полициската станица во Жеровјане, која беше целосно реновирана.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира