ЕЗЕРОТО „МЛАДОСТ“ Е БЕЗБЕДНО ЗА КАПЕЊЕ, ПОКАЖАА НОВИТЕ ИСПИТУВАЊА НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОДАТА

    ЕЗЕРОТО „МЛАДОСТ“ Е БЕЗБЕДНО ЗА КАПЕЊЕ, ПОКАЖАА НОВИТЕ ИСПИТУВАЊА НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОДАТАЦентарот за јавно здравје Велес (ЦЈЗ) изминатите недела дена, изврши три контролни мерења на квалитетот на водата од Градска плажа 1- на влезот од Велес и пред хотел „Романтик“.(Фото: СДК.МК)

    Центарот за јавно здравје Велес (ЦЈЗ) изминатите недела дена, изврши три контролни мерења на квалитетот на водата од Градска плажа 1- на влезот од Велес и пред хотел „Романтик“. Мерењата покажале дека водата е исправна и може да се користи за капење и рекреација.  Ова доаѓа откако резултатите за квалитетот на водата  на водите од четирите плажи на езеро „Младост“ на 11 август, покажале вредности дека Градска плажа 1 и онаа кај бродот „Панини“ се загадени со фекалии. Ова биле резултати од  овластената лабораторија „Фуд лаб “ од Скопје, која ги работи испитувањата за потребните на Општина Велес,  за мерење на квалитетот на водите на езеро Младост.

    „Од резултатите на водата земена на 16 август, на плажите кај хотел ‘Романтик‘ и Градска плажа 1, во однос на микробиолошките индикатори, се покажа водата е со одличен квалитет. Од резултатите на водата земена на 17 август, испитани во ЦЈЗ Велес и во Институт за јавно здравје Скопје, покажале дека водата во однос на микробиолошките индикатори е со добар квалитет. Примероци на вода од двете плажи беше земена и на 22 август, испитана во ЦЈЗ Велес и се заклучува дека водата е добра по однос на микробиолошките индикатори. Согласно правилникот за квалитетот на водите за капење, водата на двете плажи на езеро Младост – Романтик и Градска плажа 1, може да се користи за капење и рекреација“,соопштија од Центарот за јавно здравје Велес.

    ЦЈЗ Велес во писмената информација  нагласува дека согласно Националната програма за  јавно здравје за 2023 година, објавена во Службен весник, тие биле задолжени да ја следат санитарно- хигиенската состојба и квалитетот на водите на езеро Младост.

    Хронологијата на настаните за квалитетот на водата на езеро „Младост“ ова лето покажуваше дека таа има осцилации. Кон крајот на јули Државниот инспекторат со животна средина, по реакција од граѓани,  излезе со информација  дека во водата каде се слева Отовичка река во езерото е регистрирано присуство на фекални материи. Потоа на почетокот на август Центарот за јавно здравје Велес соопшти дека заклучно до 3 август водите на двете плажи, чиј квалитет тие го испитуваат, се добри за капење и рекреација. Општина Велес објави дека водите кај плажите брод „Панини“ и Градска плажа 1, според  резултатите од 11 август испитани во  лабораторијата на „Фуд лаб“ Скопје, има надминување на граничните вредности за присуство на цревни ентерококи и ешерихија коли. Поради ова тие два плажи не се препорачуваа за капење. Контролните испитувања на ЦЈЗ Велес и Институтот за јавно здравје покажале дека водите во периодот од 16 до22 август се добри и се препорачуваат за капење.

     П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира