ФАБРИКА ВО ПРЕШЕВО ВО СРБИЈА ГО ЗАГАДУВА ВОЗДУХОТ ВО КУМАНОВО

    ФАБРИКА ВО ПРЕШЕВО ВО СРБИЈА ГО ЗАГАДУВА ВОЗДУХОТ ВО КУМАНОВОФабриката е на 5 км од Табановце, во Србија, жителите велат дека неподносливата смрдеа започна пред десетина дена, поради што не можат да излезат во двор во вечерните часови. (Фото: СДК.МК)

    Фабрика која се наоѓа во близина на македонската граница на територија на Србија го загадува воздухот во Куманово. Откако САКАМДАКАЖАМ вчера алармираше за проблемот, денеска надлежните од Општина Куманово велат дека интервенирале на терен и дошле до сознанија од граѓани дека во вечерните и утрински часови облак на црн чад се спушта на македонска територија. Инспекциските служби овие податоци ги проследиле до Државниот инспекторат за животна средина кој е надлежен за проверка на информациите.

    „Нашите мерни станици во одредени делови на градот покажаа зголемување на јаглерод моноксид од 60 до 70 мл/м3, а дозволената граница е 0,6 мл/м3 и азот диоксид окол 170 мл/м3, а дозволено е 140 мл/м3. Симптоматично е тоа што не можевме да лоцираме од кај доаѓа загадувањето, и откако побаравме помош од нашите сограѓани, добивме информација дека тоа започнува во граничниот дел, а потоа се шири кон градот. Исто ваква ситуација имавме пред 3 години, една наша соседна држава има инсталација која произведува вар или полимерни производи, и од таму се ширеше непријатна миризба, која доаѓаше во граничниот дел и во градот. По интервенција на Државниот инспекторат за животна средина кај соодветните инспекциски служби тогаш проблемот беше решен. Исто ќе постапиме и во овој случај“, вели Бобан Бојковски, раководител на Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово, кој додава дека загадување во целиот град, а особено во населбите Зален Рид и Карпош.

    Жителите на селото Табановце, кое се наоѓа во граничниот појас на македонско-српската граница велат дека воздухот го загадува фабрика од Прешево. Тие кажуваат дека неподносливата смрдеа започна пред десетина дена, поради што не можат да излезат во двор во вечерните часови.

    „Со години е вака, почнува некаде од мај кога и летната сезона. Фабриката се наоѓа на 5-6 километри од нас, не знаме што точно произведува, едни викаат дека е асфалтна база, други дека произведува материјал за фасади, стиропор и креч. Обично почнува да работи околу 19 часот и трае цела ноќ. Се сомневаме дека се палат прагови извадени од железничката пруга која се реконструираше и затоа се шири толку густ чадот и мириса на нафта и масло. Прозорец не можеме да отвориме по цела ноќ. Букавално се гушиме, не труе јаката миризба. Цело село е на нозе на сите ни пречи, немаме решение. Реагираат и вработените од граничниот премин Табановце, полицијата и царината, и тие се изложени на отровите додека се на работа“, вели М. А. од селото Табановце.

    Тој додава дека од загадувањето не им се загрозува само здравјето туку и раноградинарските култури и сето производство во нивите. Затоа бара дражавата да реагира на повисоко ниво и да го реши проблемот со загадувањето.

    Како што објавивме вчера, веќе една недела граѓаните на Куманово во вечерните и утринските часови чувствуваат непријатна миризба, која ги пече очите и тера на повраќање. Загадувањето на воздухот почнува во попладневните часови, а кулминира ноќе кога градот е обвиткан во густ чад со мирис на изгорена гума, особено населбите во пониските делови. Уште посилна миризба се чувствува наутро.

    Куманово со години е на листата на градови со најзагаден воздух, но тоа е обично во текот на зимата, а сега се соочува и со дополнителни проблеми кои го загрозуваат здравјето на граѓаните.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира