ФИРМА ОД СЛОВЕНИЈА ЌЕ ГО ЧИСТИ ЃУБРЕТО ВО ТЕТОВО ОТКАКО ПОТПИША ДОГОВОР СО ОПШТИНАТА ЗА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО

    ФИРМА ОД СЛОВЕНИЈА ЌЕ ГО ЧИСТИ ЃУБРЕТО ВО ТЕТОВО ОТКАКО ПОТПИША ДОГОВОР СО ОПШТИНАТА ЗА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВОПреполни контејнери има речиси на сите страни, а тетовските комуналци, иако се трудат, не успеваат навреме да го соберат сметот. (Фото: СДК.МК)

    Проблемите со сметот во Тетово никако да се решат. Преполни контејнери има речиси на сите страни, а тетовските комуналци, иако се трудат, не успеваат навреме да го соберат сметот. Недоволниот број на луѓе, а и малите и нередовни плати што ги примаат, само уште повеќе придонесуваат Тетово да се гуши во смет. За излез од ваквата тешка состојба Општина Тетово се реши да потпише договор за јавно-приватно партнерство со фирма од Словенија за собирање и депонирање на комуналниот смет од градот.
    Општината првин направи физибилити студија за оправданоста на јавно-приватно партнерство, а потоа спроведе тендер на кој е избрана фирма од Словенија, а на Одлуката е донесена на последната седница на Советот на Општината.

    „За најповолен понудувач се избра компанијата „Саубермахр Словенија, услуги за заштитна животна средина“ со седиште во Мурска Собота. Предмет на договорот е воспоставување на јавно-приватно партнерство за собирање и депонирање на комунален отпад на цела територија на Општина Тетово до депонија Русино кое се остварува како јавна набавка. Целите што треба да се постигнат со доделување на договорот за јавното приватно партнерство е интегриран систем за управување со отпад кој ќе биде ефикасен во однос на отстранување на целиот отпад, намалување на количините и да се отстранат опасностите по животната средина“, изјави Бесар Дурмиши, претседател на Советот.

    На седницата мнозинството од советот усвои заклучок со кој се одобрува Општината да направи уште физибилити студии за оправданост за формирање на повеќе јавно-приватни партнерства, за изградба на административна зграда на општината како и за изградба, реконструкција и управување со аква-парк во спортско-рекреативен центар во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира