Град Скопје склучи договор во вредност од 7,7 милиони евра со фирмата „Бауер“ за изградба на клучка на булеварот Словенија на вкрстувањето со Качанички пат. Станува збор за втората фаза од проектот за изградба на клучка и булевар на потегот од Момин Поток до булеварот Словенија, со цел растоварување на сообраќајот во овој дел од градот.
На тендерот кој го распиша Градот имало четири понуди. Според податоците на сајтот на Бирото за јавни набавки, за изградба на оваа важна сообраќајница, покрај „Бауер“, понуди доставиле и градежните фирми „Гранит“, „Бетон“ и „Жикол“. Фирмата „Бауер“ е избрана бидејќи доставила најевтина понуда.
Станува збор за истата фирма која градоначалничката Данела Арсовска еден месец по стапување на функцијата, во декември 2021, ја казни со 88.000 евра за загадување на Скопје. Како што рекоа тогаш од кабинетот на Арсовска, фирмата „Бауер“ фрла ѓубре како подизведувач во градежните работи за изградба на станица за отпадни води во Ново Лисиче. Инспекторите на Градот фатиле камион на фирмата како истура ѓубре врз цевката, а врз неа не смее да има ништо.
- ФИРМАТА „БАУЕР“ КАЗНЕТА СО 88.000 ЕВРА ОТИ ФРЛАЛА ШУТ ВРЗ ЦЕВКАТА ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ
-
ВЛАДАТА ЌЕ Ѝ ДАДЕ НА АРСОВСКА 3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПАТОТ КОН КОСОВО ДА ГО НАПРАВИ БУЛЕВАР, ОБЈАВИ ГРУБИ
-
ПО ДВЕ ГОДИНИ ГРАД СКОПЈЕ ГО ЗАВРШИ КРУЖНИОТ ТЕК КАЈ „ХУБО“, ОД КЛУЧКАТА КАЈ МОМИН ПОТОК НЕМА АБЕР
Од кабинетот на Арсовска не добивме одговор на нашето прашање дали „Бауер“, кој сега добива пари од Градот, ја платил казната.
Парите за овој проект Град Скопје ги доби од Владата. Станува збор за вториот дел од проектот за проширување во булевар на Качанички пат, кој сега се вика улица Хасан Приштина и изградба на клучки кај Момин Поток и на булевар Словенија. Клучката кај Момин Поток почна да се гради во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов и требаше да биде готова до февруари 2024. Но, со доаѓањето на Арсовска на функција, работите се закочија и нема абер од изградбата.
Во август лани, Градот конечно, по две години градба, го заврши кружниот тек кај „Хубо маркет“.
А. АНТЕВСКА