ПО ДВЕ ГОДИНИ ГРАД СКОПЈЕ ГО ЗАВРШИ КРУЖНИОТ ТЕК КАЈ „ХУБО“, ОД КЛУЧКАТА КАЈ МОМИН ПОТОК НЕМА АБЕР

    ПО ДВЕ ГОДИНИ ГРАД СКОПЈЕ ГО ЗАВРШИ КРУЖНИОТ ТЕК КАЈ „ХУБО“, ОД КЛУЧКАТА КАЈ МОМИН ПОТОК НЕМА АБЕРКружниот тек е асфалтиран и обележан со хоризонтална сигнализација, но просторот околу него уште не е среден.(Фото: СДК.МК)

    По две години градежни работи, Град Скопје деновиве конечно ја заврши изградбата на кружниот тех кај „Хубо маркет“ на еден од влезовите во главниот град.

    Овој кружен тек кој заедно со клучката кај Момин поток треба да го намали метежот на влезот и излезот од Скопје, почна да се гради во јули 2021 година во време на ексградоначалникот Петре Шилегов.

    Кружниот тек е асфалтиран и обележан со хоризонтална сигнализација, но просторот околу него уште не е среден.

    Нема абер од изградбата на клучката кај Момин поток која е капитален проект за Градот, за која при почетокот на градежните работи ексградоначалникот Шилегов рече дека ќе биде готова за 2,5 години. Овој рок истекува до крајот на годинава, но дотогаш нема шанси да се заврши бидејќи градежните работи не се дојдени ниту до половина. Нема никаква динамика на работа и за две години само е ископан ридот, а ништо не е трасирано.

    Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска велат дека претходното раководство не ги завршило постапките на експропријација и имотно правни спорови и тоа влијае на динамиката.

    „Во другите делови проектот е во рамки на законски и договорно утврдените рокови“, велат од Градот.

    Според проектот, со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8 Септември и улицата Скупи, а вториот треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар Словенија каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина.

    Изградбата на кружниот тек и клучката чинат 18 милиони евра.

    Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира