До летово, во Радовиш на крововите на спортската сала „25 Мај“ и на основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ ќе се монтираат фотонапонски централи со капацитет од 430 киловати инсталирана моќност, од кои корист ќе имаат и Општините Конче и Василево. Проектот ќе го реализира Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, откако од Швајцарската амбасада и од Министерството за локална самоуправа доби околу 370 илјади евра.
Како што соопштија од Центарот, веќе е распишан тендерот за инсталација на централите кои ќе произведуваат струја од сончевата енергија. Според потпишаниот договор, 50 отсто од производената струја ќе биде за Општина Радовиш, а останатиот дел ќе го делат Општините Конче и Василево.
„Со инсталација на овие две фотоволтаични централи полека пристапуваме во енергетски независни општини оти сметките за потрошена електрична енергија се зголемени. Ако добиеме сериозни понуди, очекувам во летните месеци да почне производството на струја од сончевата енергија. Како Општина, произведената електрична енергија ќе ја претвараме во топлинска за загревање на сите локални јавните институции, бидејќи имплементираме и друг проект финансиран од ЕУ за изградба на мини топлана, па преку термо пумпи ќе го замениме фосилното греење во градинката, гимназијата, општинската зграда, основното училиште и спортската сала“, рече градоначалникот Ацо Ристов.
Во Радовиш, фотоволтаична централа има гимназијата „Коста Сусинов“ која произведената струја ја користи за сопствени потреби, а вишокот го продава на универзалниот снабдувач. Според проекциите, за една година треба да произведат околу 17 илјади киловат часови или 30 проценти од вкупната струја што ја троши училиштето. Централата на ова средно училиште беше поставена со поддршка на Локалната акциска група Плачковица, која постави и фотоволтаици на три јавни институции во Конче, Карбинци и Штип.
В. ТРАЈКОВ