ГИ ПРЕСЕКЛЕ ЦЕВКИТЕ ЗА ДОВОД НА КИСЛОРОД ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА, ЗАГРОЗЕНИ ЖИВОТИТЕ НА 120 КОВИД ПАЦИЕНТИ

    ГИ ПРЕСЕКЛЕ ЦЕВКИТЕ ЗА ДОВОД НА КИСЛОРОД ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА, ЗАГРОЗЕНИ ЖИВОТИТЕ НА 120 КОВИД ПАЦИЕНТИПолицијата трага кој оштетил една помошна цевка од системот за снабдување со кислород и една цевка за довод на азотен оксидол. (Фото: СДК.МК)

    Избегната е голема трагедија, кога ноќеска 120 ковид пациенти кои се хоспитализирани во тетовската Клиничка болница, можеле да останат без кислородна поддршка. Непознат сторител или сторители оштетиле цевка со која Клиничката болница се снабдувала со кислород. Среќа во несреќа е што биле оштетени само една помошна цевка од системот за снабдување со кислород, и една цевка наменета за довод на азотен оксидол.

    Главната доводна цевка за кислород, која била веднаш до нив и преку која со кислород се опслужуваат 120 пациенти кои моментално се хоспитализирани поради ковид-19, за среќ,а не била оштетена.

    „Во раните утрински часови имавме инцидент каде е оштетен споредниот цевковод за кислород. По сè изгледа сме имале среќа, бидејќи да била оштетена и главната цевка, животот на сите 120 пациенти ќе бил загрозен. Да беше оштетен главниот довод тоа ќе беше вистинска катастрофа, ќе требаше да се направи транспорт на најмалку 70 пациенти во други болници и одделенија. Освен ова, имаме и нетраспортабилни пациенти. За наша среќа тоа не се случи. Се надевам дека сега полицијата и Јавното обвинителство ќе ја звршат својата работа и да го откријат сторителот“, изјави д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Тетово.

    Цевките за довод на кислород се поставени на висина од околу три метри. Едната цевка била пресечена, а другата извиткана. Тоа се помошни цевки и се со помал пресек за разлика од главната доводна цевка за кислород која е од поголем промер. Утрово, оштетените цевки се заменети со нови и системот за довод повторно е ставен во функција.

    „Споредниот довод на кислород кој е општетен е наменет за пациентите кои се на Ургентниот центар. Таму се сместуваат пациенти со инфаркт и други потешкотии, но за среќа кога ова се случи таму немаше ниту еден пациент кој бил на кислородна поддршка. Изминатиов период беше исклучитолно тежок за медицинскиот персонал и ова што се случи навистина многу нè разочара. Се прашуваме кој би можел тоа да го направи, да го стави во опасност животот на 120 пациенти“, вели д-р Нуредини.

    Од Клиничката болница во Тетово најавуваат дека ќе ги зголемат мерките за безбедност и ќе побараат поголемо присуство на полицијата и војската во обезбедувањето на објектите.

    Инцидентот го потврдуваат и од СВР Тетово.

    „Изутринава во 7 часот и 20 минути, во СВР Тетово пријавено е дека ноќеска во кругот на тетовската Клиничка болница со употреба на физичка сила биле оштетени две бакарни цевки со различна големина, односно капацитет. Едната цевка за компримиран воздух била скината, а втората за азотен оксидол била свиткана. Двете цевки ги снабдувале операционите сали во новиот објект, кои сè уште не биле во функција. Набрзо по пријавата, екипа на Секторот за внатрешни работи Тетово, во координација со Јавен обвинител, извршила комплетен увид. Оштетувања се фотодокументирани и крим-технички обработени. Се расчистува и документира случајот“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    Засега, ниту од Клиничката болница ниту од полицијата не излегуваат со информација кој е мотивот за оштетувањето на доводот на кислород.

    Во Клиничката боница во Тетово состојбата зголемениот број заразени со ковид-19 и понатаму е критична. Во овој момент хоспитализирани се 120 пациенти. Повторнио има голем број на приеми, па во изминативе 24 часа примени се нови 14 пациенти. Голем број од хоспитализираните пациенти се во тешка здравствена состојба. Најголем дел од нив се невакцинирани, 10 од нив примиле прва доза, а само 4 примиле две дози вакцина.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира