ГИ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА СО ПРВИТЕ ТРИ ДОЗИ ЗА ГОЛЕМА КАШЛИЦА, А ПОТОА НЕ ДОАЃААТ НА РЕВАКЦИНА, ВЕЛАТ ОД ВЕЛЕШКИОТ ЗДРАВСТВЕН ДОМ

    ГИ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА СО ПРВИТЕ ТРИ ДОЗИ ЗА ГОЛЕМА КАШЛИЦА, А ПОТОА НЕ ДОАЃААТ НА РЕВАКЦИНА, ВЕЛАТ ОД ВЕЛЕШКИОТ ЗДРАВСТВЕН ДОМНа ниво на Здравствен дом Велес, кој ги покрива општините Велес, Чашка и Градско, во 2023 година опфатот со една ревакцина изнесува 79,3%. (Фото: СДК.МК)

    Последниве десетина дена, во Велешко се бележи раст на вакцинацијата на деца против голема кашлица. Ова се должи на вакциналната кампања, но и на зголемениот број болни.

    „И без да се случи оваа состојба со пертусис, ние месечно ги повикувавме родителите да ги донесат нивните деца на вакцинација, ако тоа на го сториле. За жал, сите не се јавуваат на нашите повици. Од пред две седмици се забележува пораст во вакцинација и тоа на деца над двегодишна возраст, кои од различни причини не дошле да се вакцинираат“, вели Марина Тодоровска од Службата за претшколска превентива при Здравствен дом Велес.

    На ниво на Здравствен дом Велес, кој ги покрива општините Велес, Чашка и Градско, во 2023 година опфатот со една ревакцина изнесува 79,3%. Во селата вакцинацијата е  95,7%, а во градот 70,9%.

    „Разликата на степенот на опфатност помеѓу градот и руралните средини е поради неколку причини. Тука се недовербата во системот, дезинформациите, споделување на неточни информации помеѓу родителите и по социјалните мрежи, читање на невистините информации од нерелевантни извори. Ги повикувам родителите да доаѓаат кај нас во превентива, да разговараат, да прашуваат за сè што имаат нејаснотии. Ние докторите од оваа служба сме тука да дадеме одговор на сите дилеми, па родителите нека донесат одлука дали треба или не да се вакцинира детето“, вели д-р Тодоровска.

    Вакцините се задолжителни и според националниот календар за имунизација, се аплицираат како три дози и две ревакцини., Опфатот со првите три дози во Велешко е задоволителен и изнесува околу 95%, за потоа необјасниво да опадне на 80 отсто за вакцинација на 18 месеци. Но, потоа на школска возраст, на седум години или второ одделение, се качува на високи 98 отсто.

    „После наполнување на првата година опаѓа вакцинацијата за сите вакцини. Некои родители не сакаат нивното дете на таа возраст да прими МРП вакцина, па доцнат и другите вакцини. Во други случаи на таа возраст децата тргнуваат во градинка, па често се разболуваат и не можат да примат било која вакцина. Тие деца на 18 месеци кои не примиле вакцина ги повикуваме на две години, две и пол и тогаш нивните родители ги носат на вакцинација. Овие деца ја примаат вакцината на поголема возраст и додека стигнат до школо дел од невакцинираните се вакцинираат. Родителите треба да знаат дека овој календар е создаден според Светската здравствена организација, и тогаш на 18 месеци кај детето има оптимален ефект и не може така лесно да се зарази во пертусис. Но, кога се прима подоцна, детето има имунитет, но е послаб од тие што се вакцинирани на време. Ваквата задоцнетата вакцинација сепак е можна“, додаде д-р Тодоровска.

    Според податоците од Центарот за Јавно здравје, во Велес и Велешко нема случај на заразено лице со пертусис – голема кашлица.
    Од школска превентива, д-р- Лидија Проданова вели дека до денес, од 30 деца на 7-годишна возраст кои не биле вакцинирани против пертусис, откако сите биле повикани 15 дошле и останале уште исто толку за вакцинација.

    „Јас како инфектолог тврдам дека најголемо достигнување во здравството не само во Република Северна Македонија туку на светско ниво е вакцинацијата. Само ќе направам една компарација кога е воведена за првпат вакцината за пертусис (голема кашлица) во 1955 година, до 1959 година имало отприлика околу 13.800 заболени и за жал 100 мали деца завршиле со смртен исход. Вакцинацијата опаѓа во 2022 година кога стапката на вакцинација со ДиТеПер била некаде околу 98%, во 2023 година опаднала уште повеќе и е 83,9%. За да се смета дека има колективен имунитет, преференциите и таргетот е над 95% да има опфатеност на вакцинација кај деца“- рече вчера во ТВ интервју министерот за здравство д-р Илир Демири.

    До 8 февруари, Институтот за јавно здравје регистрира вкупно 22 случаи на голема кашлица. Тоа е повеќе од двојно зголемување на бројот на заболени, во однос на минатиот петгодишен период (2019-2022 година) кога се регистрирани вкупно девет случаи. Министерот Демири вели дека Министерството за здравство има обезбедено околу 356 милиони денари за програмата за вакцинација каде се опфатени редовно снабдување со вакцини, резервни вакцини и имуноглобулини.

    „Програмата за вакцинација има предвидено и кампања за сензибилизација на свесноста и добро информирање на сите граѓани колку е битно да се вакцинира едно дете, оти на крајот на краиштата пертусис е вакцино-превентивно заболување, ако се вакцинира нема да се разболи. Треба едукација, секое дете кое не вакцинирано прво да се вакцинира, а потоа да оди во градинка или училиште“-рече Демири.

    Тој рече дека би се заложил, вакцинацијата да биде задолжителна за секој еден вработен во здравствениот сектор – сестри, лекари, посебно оние здравствени работници кои работат со имунокомпромитирани пациенти.

    „Не може на Инфективна клиника да работи персонал кој што не е вакциниран“, кажа Демири.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира