Докторот Мухамед Асани од Струга, кој е и поранешен директор на Струшката болница, доби условна казна од 2 години зашто работел на црно во нелегална ординација во својот дом. Основниот суд во Струга му изрече условна казна за давање здравствени услуги без дозвола, прегледувал пациентки и водел бремености на жени меѓу кои и родилката од Дебар Јелдаз Веапоска, која при породување во 2020 остана без бубрег, матка и јајник.
Во судската пресуда стои дека му се утврдува казна затвор во траење од 2 години и истовремено се определува дека таа нема да се изврши ако осудениот во рок од 4 години не стори ново кривично дело.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) при вонредниот надзор во нелегалната ординација утврдил дека д-р Асани во просториите на неговата семејна куќа во Струга на приземје опремил ординација која не била регистрирана и означена, за што во судот сведочеа Веапоска и други две родилки.
„Јас и другите родилки во судот кажавме дека бевме во неговата ординација и ги изнесовме доказите и мило ми е што се докажа дека работел во нелегална ординација. Ми наплатуваше за секој преглед од 1.200 до 1.500 денари зависно од тоа колку ќе побараше. Парите му ги дававме на рака, а за тоа не ни даваше никаква документација, никаква фискална. Работеше сам во ординацијата, немаше ни сестра“, вели Веапоска.
Против Мухамед Асани, специјалист по гинекологија и акушерство, неговиот син Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство, и Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер се води уште еден судски спор за тешки дела против здравјето на луѓето. Тие, според обвинението, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствена состојба на Веапоска поради што таа остана без три органи.
С. ВРЕНЦОВСКА