ДА ОСТАНЕШ БЕЗ ОРГАНИ Е МНОГУ ТЕШКО, НО ТЕШКО Е И ДА СЕ РАСПРАВАШ СО ЛЕКАРИ КОИ НЕ ЈА ПРИЗНАВААТ ВИНАТА, РЕЧЕ НА СУДЕЊЕТО РОДИЛКАТА ВЕАПОСКА ПОВРЕДЕНА ПРИ ЦАРСКИ РЕЗ

    ДА ОСТАНЕШ БЕЗ ОРГАНИ Е МНОГУ ТЕШКО, НО ТЕШКО Е И ДА СЕ РАСПРАВАШ СО ЛЕКАРИ КОИ НЕ ЈА ПРИЗНАВААТ ВИНАТА, РЕЧЕ НА СУДЕЊЕТО РОДИЛКАТА ВЕАПОСКА ПОВРЕДЕНА ПРИ ЦАРСКИ РЕЗНа денешното прво рочиште докторите кажаа дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело; - Јилдиз Веапоска од Дебар (Фото: СДК.МК)

    По седум месеци одложување, денеска во Основниот суд во Струга започна судењето за родилката од Дебар Јелдаз Веапоска, која при породување во 2020 остана без бубрег, матка и јајник. Обвинителството ги гони за лекарска грешка тројцата лекари од Струшката болница, првообвинетиот Мухамед Асани како лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани како лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска како лекар-гинеколог акушер. Тие, според обвинението, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствена состојба на родилката од Дебар поради што таа остана без три органи. Обвинителството ги гони за тешки дела против здравјето на луѓето.

    Д-р Асани е поранешен директор на Струшката болница, а беше разрешен токму поради овој случај.

    Веапоска се соочи со лекарите во судницата и низ солзи раскажа што се случило дента кога се породила и низ што поминала. Во своето сведочење пред судот, Веапоска, која е медицинска сестра, кажа дека бременоста ѝ ја водел д-р Мухамед Асани, а на контрола одела на секои две недели или еднаш месечно во неговата приватна ординација во неговиот дом во Струга. Последниот преглед бил две недели пред породувањето на 27 август 2020 во Струшката болница. Рече дека освен покачен притисок сè било во ред со нејзината бременост. Терминот за породување го закажал докторот на денот кога тој бил дежурен.

    „Пред да почне породувањето со царски рез ме фати паника оти не го видов Мухамед Асани кој ми ја водеше бременоста. Инсистирав тој да биде присутен. Но тоа не се случи и не знам кој го изведе царскиот рез. По операцијата имав многу силни болки и бев во паника, плачев. Разговарав со лекарите кои ми велеа сè е во ред. Пет дена по породувањето бев во критична состојба. А лекарите ми велеа ништо не ти е, сакаа да ме отпуштат од болница, но јас не прифаќав“, рече Веапоска.

    Следниот ден дошол д-р Асани и ѝ спремил отпусно писмо, кое таа го прифатила и покрај болките, но побарала да ја носат во друга болница. Oткако состојбата ѝ се влошила се јавила кај нејзиниот сопруг за да го извести дека ја отпуштаат од болница и дека не се чувствува добро.

    „Му реков да дојде да ме земе и да ме однесе во некоја друга болница, дека јас умирам и дека моите две деца ќе останат без мајка. Тоа беше се` што се сеќавам, бидејќи во тој момент ми падна телефонот. Дојдоа докторите се собраа, одлучија да ме стават во операциона сала. Испаничив, почнав да плачам и ги прашував зошто уште еднаш ќе ме оперираат кога јас веќе се породив. Им велев нели треба да сум добро и да ме пуштите дома. Нема да заборавам како доктор Асани ми се обрати и кажа ‘оваа да ја спремате за во сала‘. Како да бев некое животно, но и со нив треба со добро да се однесуваш“, рече Веапоска и додаде, „Да останеш без органи е нешто многу тешко, но тешко е и да ја бараш правдата и да се расправаш по овие судски врати со лекарите кои не ја признаваат вината“.

    Таа рече дека очекува правдата на крај да биде задоволена и лекарите да одговараат за одземеното здравје бидејќи, како што вели, оттогаш е половина човек со нарушена психичка состојба.

    На денешното рочиште беше изведена листа на докази од стручно вештачење од вештак од областа на акушерство со оглед дека се работи за специфичен случај и два извештаи за извршени стручни надзори врз работата на лекарите.

    Според обвинението, на родилката од Дебар при породувањето со царски рез обвинетите ѝ оштетиле лева бубрежна артерија и покрај таквата состојба не презеле мерки, туку ѝ давале терапија при што таа паднала во шокова состојба, и повторно ја оперирале и ѝ отстраниле матка и левиот јајник кои не биле повредени. Крварењето, како што беше кажано, не застанало, а со вториот оперативен зафат било откриено дека е оштетена артерија, има тешко нарушување на здравјето и ѝ бил отстранет лев бубрег по што била пренесена во Скопје.

    Докторите кажаа дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело. Обвинетиот Мухамед Асани денеска не беше расположен за изјава. На новинарите им кажа дека за нив нема изјава оти не биле коректни.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира