Филмот е ноќен, а се снимаше во 28 дена од годината кога ноќите се најкратки, па работевме од 16 часот до 4 наутро без паузи за оброк, рекоа на прес-конференцијата режисерот Срѓан Јаниќијевиќ и кинематограферот Дејан Димески за филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“. Филмот, кој е деби на Јаниќијевиќ, вечерва ќе има македонска премиера на затворањето на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола. Филмот во средината на месецов имаше светска премиера на фестивалот во Олденбург во Германија.
Филмот, со работен наслов „Касапско оро“, се снимаше во средината на 2024. Идејата е на Јанаќијевиќ, сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, играат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.
„Снимавме околу 28 дена, дел од кадрите на обиколницата во Скопје, каде беа најдобрите услови за да ја влечеме приколката и да не пречиме на сообраќајот. Другите сцени ги работевме во градот ноќе кога немаше сообраќај или ако имаше беше контролиран од наша страна. Филмот навидум е лесен за реализација, но снимавме ноќен филм во период кога ноќта е најкратка. Го снимавме на 30 степени температура, а потоа и влегуваш вечерта во приколка каде си облечен како во зима. Се случуваше во еден ден да поминеме температура од 45 степени, магла, дожд. Прекративме една сцена да симаме зашто цела улица беше поплавена, а по 20 минути беше сува“, рече Димески.
Филмот е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Филмот следи двајца новинари во движење – бркани од сенките и од времето.
Јаниќијевиќ кажа дека во Олденбург филмот поминал одлично, со пофалби за камерата на Димески, како и за играта на актерите.
„За Никола Ристановски, за кого нема што да кажам повеќе и очигледно човекот е ѕвезда, нѐ прашуваа во Олденбург: ‘Кој е овој глумец и дали тој е ѕвезда зашто ваков глумец не се сретнува на филмското платно’. Тие беа баш воодушевени и возбудени од тоа. Целата актерска игра беше одлична, влегоа во филмот толку посветено како да им е последен. На фестивалот кажаа дека ретко се гледа филм каде што секој карактер е толку добро на ниво на приказната и на драматургијата, па имаш емпатија, дури и спрема оние ликови што би требало да ги мразиш“, рече режисерот Јанаќијевиќ.
Кинематограферот Димески нагласи дека во снимањето беше користено осветлувањето што доаѓало од улиците и другите објекти, биле искористени и два видеопроектора, а актерите добиле слобода во работата да не се оптоваруваат со камерите.
Монтажер е Мартин Иванов, композитор е Игор Василев Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимографка е Лидија Георгиева, дизајнерка на филмска шминка Снежана Ангеловска Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Главен продуцент е Сашо Пешев во продукција на „Ново македонско видео“ односно „Њу момент“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



