ГО КУПИВ ЗЕМЈИШТЕТО ОТИ ЛОКАЦИЈАТА Е АТРАКТИВНА, ВЕЛИ СОПСТВЕНИКОТ НА „НИКОФОН“ ЗА БАРOКНAТА КАТНАТА ГАРАЖА КАЈ „АВТО МАКЕДОНИЈА“

    ГО КУПИВ ЗЕМЈИШТЕТО ОТИ ЛОКАЦИЈАТА Е АТРАКТИВНА, ВЕЛИ СОПСТВЕНИКОТ НА „НИКОФОН“ ЗА БАРOКНAТА КАТНАТА ГАРАЖА КАЈ „АВТО МАКЕДОНИЈА“И покрај реакциите на граѓаните и стручната јавност дека оваа локација не е соодветна за изградба на барокна катна гаража од осум ката, за Настаски оваа парцела е атрактивна.(Фото: К.Попов)

    Фирмата „Никофон“ наскоро ќе почне со активности за градење на катната гаража кај „Авто Македонија“ бидејќи до сега не нашле заедничко решение со Општина Центар. Сопственикот Никола Настески за САКАМДАКАЖАМ.МК и вели дека имале неуспешни преговори за Општина Центар, но и понатаму остануваат отворени за разговори.

    „Ќе продолжиме со изградба на катната гаража, со оглед на тоа дека преговорите со Општината за изнаоѓање на алтернативно решение завршија неуспешно. Станува збор за инвестиција од приближно 5 милиони евра. Сепак живееме во општество каде сопственоста е загарантирана со Устав и со закон“, вели Настески.

    И покрај реакциите на граѓаните и стручната јавност дека оваа локација не е соодветна за изградба на барокна катна гаража од осум ката, за Настаски оваа парцела е атрактивна.

    „Се одлучивме за наведената локација заради нејзината атрактивност и бизнис оправданост. Во однос на обвинувањата дека за купопродажбата на земјиштето се поднесени кривични пријави, мене тоа не ми е познато, ниту сме учествувале во било какви активности. Земјиштето е уредно купено во постапка на јавно наддавање“, вели Настески.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали поради јавниот интерес би се одлучиле да го раскинат договорот, со што би им биле вратени парите кои ги платиле за купување на земјиштето Настески вели тоа не зависи само од нив, туку и од Општина Центар но ‘сите опции се отворени’.

    „Никофон“ го купи државното земјиште, кое сега е паркинг, на јавно наддавање кое се одржа на 7 јуни 2012 година. Почетната цена на јавното наддавање беше 1.850 денари за метар квадратен, а на наддавањето „Никофон“ понуди највисока цена од 6.150 денари и за парцелата од 1.245 метри квадратни плати 7.6 милиони денари.

    Општина Центар и граѓаните токму за начинот на формирање на цената имаат поднесено кривични пријави. Во кривичните пријави се спори почетната цена бидејќи според Правилникот за утврдување на висината на цената на градежно земјиште при компатибилна намена таа треба да е 70 отсто од цената за изградба на катна гаража која е 6.000 денари и 30 отсто од цената за деловен простор која е 5.000 денари.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вчера го повика Обвинителството да постапи по кривичните пријави и да донесе времена мерка за било какви активности.

    Од Обвинителството уште не одговорија на прашањата зошто уште не постапуваат по кривичните пријави поднесени за продажбата на градежното земјиште.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира