ГОРАТ ДИВИ ДЕПОНИИ И КАБЛИ НА БИТОЛСКОТО МААЛО БАИР

    ГОРАТ ДИВИ ДЕПОНИИ И КАБЛИ НА БИТОЛСКОТО МААЛО БАИРОд Пожарната велат дека ѓубрето намерно се потпалува. (Фото: Земи здив/СДК.МК)

    Откако се ставени заштитни огради на обиколницата над Битола, смет не се пали на патот, туку низ дивите депонии во неурбанизираната населба Баир. Од Пожарната велат дека скоро секој ден добиваат повици да гаснат запалено ѓубре. На 8 март, беа повикани два пати во една вечер да гаснат ист пожар на крајот од улицата Дебарска, под мостот до каде не води асфалтен пат.

    „Пожарникарите само што го изгаснаа пожарот на дивата депонија и се вратија, повторно добивме повик дека гори на истото место, по што екипата пак гаснеше таму. Постојат индиции дека некој потпалува. Интервенцијата е отежната, зашто до местото каде што се наоѓа депонијата нема асфалтен пат. Мора да одиме по околниот, да спуштиме црева за вода, па да се симнеме. Скоро секој ден имаме повици за запалено ѓубре на Баирот. Палат дури и зад оградите на обиколницата“, велат од Битолската пожарна.

    Освен ѓубре и гуми, се палат и кабли. Само за да се дојде до некој грам бакар, цела населба дише црни чадови. Пред осум години имаше забарана за откуп, но траеше кратко. Денес, социјалните мрежи се преполни со огласи за откуп на старо железо, алуминимум, бакар, месинг. Цена по договор, а го подигаат и од дома. Низ улиците во Битола секое утро како будилник минува возило кое на разглас емитува реклама за откуп на старо железо.

    „Не е дека не знаеме оти е опасно, ама ова го правиме за егзистенција. Заработиме 220 денари за килограм, ако собираме шишиња заработката е помала. Во откупните центри не откупуваат кабли, па сами да го вадат бакарот, туку бараат готов производ“, вели жител на Баирот.

    Местото е неурбанизирано и никнуваат кривулести, тесни, калливи патеки според потребите на жителите. Организираното собирањето на сметот тука е ограничено зашто има делови до кои не можат да допрат камионите на „Комуналец“. Дел од жителите се ослободуваат од ѓубрето фрлајќи го по дивите депонии и така се загадуваат едни со други. Според истражувањето на „Геосфера“ Битола, во однос на подигањето на отпадот, само 18 проценти е достапен простор во населбата, а останатата територија е недостапна за организирано собирање на смет. Таму 369 метри од улиците се асфалтирани, а 1.591 метар останува неасфалтиран.

    „Не можеме ѓубрето да го влечкаме во градот. Кога ќе се собере, го палиме. Ама има и други битолчани кои знаат дека овдешните жители се социјално загрозени и наместо ‘Комуналец’ бараат некој од тука да им фрли гломазен отпад. Ќе му дадат 200 денари и не прашуваат каде ќе го носи , а тие ќе го донесат тука“, кажуваат жители од Баирот.

    Од Јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека се собира редовно смет каде што има техничка можност, но онаму каде нема услови за тоа, не влегува возило, нема пат, не можат. За дивите депонии, велат дека во неколку наврати ги чистеле и пак се создаваат.

    Од Здружението „Геосфера“ пред неколку месеци на најсиромашното население на Баирот им поделиле триесетина алатки за да не ги палат каблите, со што ќе се намали аерозагадувањето и побарале да се организира откуп на ПВЦ гумата од каблите за да ги стимулираат луѓето за селекција на отпад, но не наишле на интерес.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира