Голем пожар избувна околу 17 часот во близина на Железничката станица во Куманово. Од кумановската противпожарна единица, велат дека е запалена поголема количина стари прагови извадени при реконструкцијата на железничката пруга, кои поради тоа што се премачкани со битумен развиваат голема температура и испуштаат црн чад.
На терен се три цистерни со 9 пожарникари, кои го гаснат огнот. Пожарот е ставен под контрола и не може да се прошири кон останатите објекти, тврдат пожарникарите.
Од СВР Куманово велат дека од 17.40 часот железничкиот сообраќај на пругата Куманово-Табановце е во прекин. Причината за пожарот не е позната.
Облакот од црн чад се гледа од сите страни на градот, а се шири и непријатна миризба што ги вознемири граѓаните на Куманово.
С. НИКОЛИЌ