ГОСТИВАР ЌЕ УРЕДИ УЛИЦА ВО ЛАСКАРЦИ КАКО БЛАГОДАРНОСТ ЗА ПОМОШТА НА СЕЛОТО ПРИ СПАСУВАЊЕТО НА ПАТНИЦИТЕ ВО ЛАНСКАТА АВТОБУСКА НЕСРЕЌА

    ГОСТИВАР ЌЕ УРЕДИ УЛИЦА ВО ЛАСКАРЦИ КАКО БЛАГОДАРНОСТ ЗА ПОМОШТА НА СЕЛОТО ПРИ СПАСУВАЊЕТО НА ПАТНИЦИТЕ ВО ЛАНСКАТА АВТОБУСКА НЕСРЕЌАШеесетина гостиварци со марш од 50 километри ја одбележаа првата годишнина од несреќата кај Ласкарци (Фото: СДК.МК)

    Со марш долг над 50 километри, шеесетина гостиварци ја одбележаа првата годишнина од страотната сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци во која загинаа 16 патници кога автобус на фирмата „Дурмо турс“ излета од патот. Маршот започна во раните утрински часови кај село Ласкарци, кога беше положено цвеќе на местото на несреќата.

    Иницијативата за овој марш дошла од семејствата на загинатите, а била поддржана од градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари.

    „И јас и Општината од срце ја поддржавме оваа иницијтива. Овде заедно маршираа жители и планинари од Гостивар и Скопје, лица кои биле во автобусот и биле повредени, како и нивни роднини. Би бил многу радосен ако успееме овој марш да го направиме традиционален. Со месната заедница од Ласкарци се договоривме ние како Општина Гостивар да им помогнеме и да поплочиме една улица во селото која ќе го носи името Гостиварска како гест на благодарност кон жителите на ова село кои многу помогнаа при спасувањето на патниците од автобусот“, изјави Таравари.

    Маршот се одвиваше по стариот пат од Скопје кон Тетово, а по пет и пол часови марширање и поминати над триесетина километри, учесниците пристигнаа кај наплатната рампа на автопатот Тетово-Гостивар, каде направија кратка пауза.

    „Патеката е долга над 50 километри, но кога е од срце и од хумани причини тогаш ништо не е тешко. Нашата цел е да ги поддржиме семејствата на починатите патници и вакви трагедии веќе никогаш и никаде да не се повторат“, кажа планинарот Јашар Хирда.

    Маршот завршува во попладневните часови во Гостивар, каде уште еднаш ќе им се оддаде почит на загинатите патници.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари