ГОТОВА ПРВАТА ДЕЛНИЦА ОД БУЛЕВАРОТ АСНОМ ВО АЕРОДРОМ, ПРЕКУ НОВИОТ МОСТ КОЈ СЕ ГРАДИ ЌЕ ИЗЛЕГУВА КАЈ СКОПСКИ САЕМ

    ГОТОВА ПРВАТА ДЕЛНИЦА ОД БУЛЕВАРОТ АСНОМ ВО АЕРОДРОМ, ПРЕКУ НОВИОТ МОСТ КОЈ СЕ ГРАДИ ЌЕ ИЗЛЕГУВА КАЈ СКОПСКИ САЕМРеконструиран е потегот од крстосницата со улица Васко Карангелевски до крстосницата со булевар Србија кај мостот Близнак. Булеварот има по 3 коловозни ленти во двете насоки, пешачки и велосипедски патеки од двете страни и средишно зеленило. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје заврши со проширувањето на улицата АСНОМ во булевар, како дел од проектот за поврзување на општините Аеродром и Гази Баба со нов мост преку Вардар. Реконструиран е потегот од крстосницата со улица Васко Карангелевски до крстосницата со булевар Србија кај мостот Близнак. Булеварот  има по 3 коловозни ленти во двете насоки, пешачки и велосипедски патеки од двете страни и средишно зеленило.

    „По завршувањето на оваа фаза, булеварот преку новиот мост, којшто е веќе во изградба, треба да се поврзе со населбата Керамидница во Oпштина Гази Баба, а оттука и Аеродром ќе добие нова сообраќајна релација кон Центар кај поранешен Скопски саем“, велат од Град Скопје.

    Во коритото на реката Вардар во моментов се работи на поставување на темелите за мостот кон Керамидница. Со градежна механизација се копаат ископи со поставување на темели за мостот кој ќе биде долг 150 метри и ќе има 6 коловозни ленти, по три во двата правци.

    Изградбата на мостот чини 6 милиони евра, а вкупно вредноста на проектот е 16 милиони евра, бидејќи околу 8 милиони евра се потребни за експропријација на куќите кои се наоѓаат на трасата во населбата Керамидница.

    По изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Од Градот врлат дека граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај доколку ја изберат оваа рута.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира