ГОТОВА ПРВАТА ПАТЕКА ВО ВЕЛОСИПЕДСКИОТ ПАРК НА ВОДНО СО КОЈА ЌЕ СЕ ОДВОЈАТ ПЕШАЦИТЕ ОД ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ

    ГОТОВА ПРВАТА ПАТЕКА ВО ВЕЛОСИПЕДСКИОТ ПАРК НА ВОДНО СО КОЈА ЌЕ СЕ ОДВОЈАТ ПЕШАЦИТЕ ОД ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕПатеката е нагорна, со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица до Средно Водно. (Фото: СДК.МК)

    Заврши изведбата на првата велосипедска патека на скопската планина Водно. Деновиве треба да биде поставена вертикална сигнализација и, како што велат од Град Скопје, таа ќе го добие финалниот изглед. Оваа патека е дел од велосипедскиот парк наВодно, кој Градот го прави за да ја зголеми безбедноста на сите посетители на планината преку физичко одвојување на велосипедистите од пешаците и планинарите.

    Патеката е со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица до Средно Водно. Патеката е со променлива широчина, најмногу до 3 метри и, како што велат од Град Скопје, ја следи постојната конфигурација на теренот и не го нарушува природното опкружување, а при нејзината изградба не се оштетени или исечени околните дрвја.

    Патеката ќе биде официјално пуштена кон крајот на месецов со еднодневен настан односно фестивал за алтернативен туризам, кој Градот го организира по пат на јавен повик.

    „Овој настан е дел од проектот кој го реализираат Град Скопје и Советот за регионална соработка. На истиот се очекува да учествуваат сите активни учесници во алтернативниот туризам, со главен акцент на велосипедизмот. Се надеваме на активно учество на што повеќе велосипедисти, а секако и на водечките компании за продажба на велосипеди и опрема во земјава. Со развој на алтернативниот туризам не само што се поттикнуваат здравите навики кај граѓаните, туку и се поттикнува и економскиот развој. Компаниите кои се занимаваат со продажба на ваков тип на опрема, па и можеби производи поврзани со здрава исхрана, ќе имаат можност на овој настан да ги промовираат своите производи. Ќе биде организирана трка со велосипеди по нагорната велосипедска патека, а за помладите можеби и трка со тротинети на паркингот на Средно Водно. Целиот настан ќе се организира на Водно на отворено, со големо внимание на протоколите и мерките за заштита од ковид-19“, вели Марко Тодоров, раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје.

    Патеката е нагорна планинска велосипедска патека и е една од трите велосипедски патеки предвидени за изведба годинава. Движењето во спротивна насока односно надолу ќе биде најстрого забрането. За оваа намена се предвидува патека која што ќе се изведе паралелно со оваа, а на неа ќе биде забрането движењето нагоре. Со тоа, велосипедистите ќе добијат комплетна алтернатива за искачување и спуштање на Средно Водно во однос на асфалтниот пат кој води до горе и е преоптеретен со сообраќај во деновите погодни за рекреација. Третата патека е предвидена за спуштање од врвот Крстовар до Средно Водно. Таа ќе биде за поискусните во овој спорт.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира