Град Скопје додели 3,5 милиони денари (60.000 евра) за семејствата на загинатите патници во автобуската несреќа во Бугарија.
На денешната седница на Советот на Град Скопје по предлог на градоначалничката Данела Арсовска првично предвидената сума од 2 милиони денари е зголемана на 3,5 милиони денари.
„На оваа седница предлагам оваа ставка да се зголеми на 3,5 милиони денари, со цел да се излезе во пресрет на семејствата на загинатите и повредените од сообраќајната несреќа“, кажа Арсовска.
Советниците од опозиционата СДСМ од говорницата реагираа зошто Арсовска веднаш после несреќата не свикала вонредна седница, како што е пракса со години, туку се чекало две недели за да се додели помош.
Денешната седница на Советот на Град Скопје беше пренесувана во живо на фејсбук страната на Град Скопје. Како што велат од кабинетот на Арсовска во иднина сите седници граѓаните ќе можат да ги следат во живо на македонски и на албански јазик.
A. АНТЕВСКА