ГРАД СКОПЈЕ ГО ОБЈАВИ ОГЛАСОТ ЗА ПРИВАТНИ ПРЕВОЗНИЦИ ЗА ДВЕ ЛИНИИ, БАРА 20 АВТОБУСИ И 44 ВОЗАЧИ

    ГРАД СКОПЈЕ ГО ОБЈАВИ ОГЛАСОТ ЗА ПРИВАТНИ ПРЕВОЗНИЦИ ЗА ДВЕ ЛИНИИ, БАРА 20 АВТОБУСИ И 44 ВОЗАЧИПриватните превозници кои петти ден протестираат велат дека ниту еден од нив нема да се пријави на огласот. (Фото: К. Попов)

    Град Скопје денеска го објави огласот за избор на приватни превозници за линиите 20 и 22. Како што стои во огласот, за линијата 20 потребни се десет автобуси и 23 возачи, а за линијата 22 десет автобуси и 21 возач.

    На огласот може да конкурираат правни лица и трговци поединци, поединечно или организирани како група, кои ќе ги исполнат условите. Не може да конкурираат „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ затоа што Градот им ги раскина договорите. Превозниците можат да конкурираат до 9 јануари, а отворањето на понудите и нивното оценување ќе биде на 16 јануари, што значи дека дури од февруари ќе има повеќе автобуси на линиите 20 и 22.

    Во огласот нема нови услови односно тој е речиси идентичен со оној од пред една година, кога Арсовска потпиша договори за две години со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

    „Понудите ќе се оценуваат според возен парк, човечки ресурси, техничка логистика, искуство во вршење на општински линиски превоз на патници“, стои во огласот објавен на страната на Град Скопје.

    Приватните превозници, кои петти ден протестираат оти Градот им должи 1,5 милиони евра и од денеска ја блокираат само улицата Илинденска на потегот од фонтаната Лотосов цвет до „Мида“, велат дека ниту еден од нив нема да се пријави на огласот и дека лаги се изјавите на градоначалничката Данела Арсовска и нејзиниот тим оти имало голем интерес од нив.

    Арсовска минатиот месец ги раскина договорите со двата приватни превознци „Слобода превоз“ и „Макеспрес“ и оттогаш јавниот превоз е во колапс. Граѓаните чекаат со саати автобуси, нема автобуси на линиите кои ги одржуваа приватните превозници, а автобусите на ЈСП „Скопје“ возат со редуциран возен ред. Арсовска вели дека автобуси има и дека новинарите шпекулираат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира