Град Скопје почна да ја чисти депонијата под Кале, која со години беше претворена во дива населба, каде се палеа гуми и кабли и живееја околу 200 граѓани. Градот заедно со Министерството за труд и социјална политика, пред еден месец жителите ги дислоцираа и ги сместија во Визбегово. Од вчера овој простор каде со години се таложело ѓубре и отпад почна да се чисти.
Во расчистувањето покрај екипи од Градот учествуваат и општествено одговорни фирми кои со својата механизација помагаат да се собере сметот и да се однесе на депонијата „Дрисла“. Во првите два дена од акцијата собрани се 500 метри кубни ѓубре.
„За 10 дена целосно ќе се исчисти просторот од отпад. Ова место е приватна сопственост на фирмата ’Амадеус груп‘, како и цела оваа страна на кејот. Ова е последен пат Град Скопје да интервенира на оваа локација. Откако ќе го исчистиме комплетно просторот и ќе го доведеме во нормална состојба ќе бидеме ригорозни во изрекување казни. Писмено се известени сите сопственици дека доколку не се грижат за просторот кој го купиле и дозволат тој да прерасне во депонија ќе бидат казнети, а казната е 15.000 евра“, рече Шилегов.
Шилегов рече во наредниот период ќе се работи на расчистување на депониите во Визбегово и во Вардариште.
„Годинава очекувам заедно со Министерството за животна средина да почнеме со решавање на депонијата во Визбегово која се создавала 30 години. Вардариште е комплексно прашање, кое не дозволува импровизацијата бидејќи била депонија на Град Скопје каде бил депониран отпад повеќе од 40 години и тука ќе ни треба и експертиза и меѓународна помош. Проценката за санирање на состојбата таму покажува дека се потребни околу 40 милиони евра за целосно да се заштити тој потег“, рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА