Град Скопје ќе уреди во скверови седум локации кои сега се запуштени простори. Градот распиша оглас за изработка на проекти за просторот зад автобуската станица на булеварот Гоце Делчев под тврдината Кале, за паркот пред и зад амбулантата Млин Балкан и просторот од зградата на Народна банка до мостот Мајка Тереза. На територијата на Општина Карпош скверови ќе се прават во близина на зградата на Пожарната и на аголот меѓу булеварот Илинден и улицата Никола Тесла, а во Аеродром на булеварот Јане Сандански и кај слаткарницата „Палма“.
Во тендерската документација се бара во проектите за скверови да биде предвидено зеленило, дрвја, цвеќиња, маси за играње шах, фонтани, осветлување, детски реквизите, улична библиотека како и паметни клупи. Паметните клупи треба да располагаат со приклучоци за полнење мобилни телефони, безжичен интернет и ноќно осветлување. На дел од локациите се бара да се предвидат и уметнички инсталации и мала бина за улични уметници.
„Целта на овој проект е уредување на осмислен отворен простор, за луѓето што живеат во густи урбани области да можат да имаат простор за дишење. Имајќи ги предвид потребите на жителите, Град Скопје јасно ја препозна потребата да интервенира во овие делови од градот и да се обиде да ги заштити и заживее урбаните зелени површини кои сѐ уште се достапни за луѓето кои живеат во нивна близина“, стои во огласот објавен на страната на Бирото за јавни набавки.
А. АНТЕВСКА