ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНА СО ИЗГРАДБА НА УЛИЦАТА ЕСЕНИНОВА ЗА ПОВРЗУВАЊЕ НА АЕРОДРОМ СО КИСЕЛА ВОДА

    ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНА СО ИЗГРАДБА НА УЛИЦАТА ЕСЕНИНОВА ЗА ПОВРЗУВАЊЕ НА АЕРОДРОМ СО КИСЕЛА ВОДАСо пробивањето на оваа нова сообраќајница ќе се намали гужвата и ќе се скрати кружењето кај „Тутунски комбинат“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје денеска почна со пробивање на новата улица Есенинова за поврзување на населбата Кисела Вода со Аеродром. Новата улица ќе биде во должина од 730 метри, ќе почнува од Кисела Вода кај „Рампа“ покрај пругата кон амбулантата “Пролет“ и ќе излегува на булеварот Трета македонска бригада во општина Аеродром.  Ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада. Предвидено е да се постави улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари кои се наоѓаат на таа локација.

    Со пробивањето на оваа нова сообраќајница ќе се намали гужвата и ќе се скрати кружењето кај „Тутунски комбинат“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути.

    „Оваа нова улица за граѓаните ќе значи многу побрзо патување и кратење за повеќе од десетина минути од времето потребно за движење, а ќе се намали и метежот во сообраќајот. Со тоа, ќе влијаеме на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на улицата.

    Изградбата на улицата чини околу 71.000.000 денари со вклучен ДДВ, а како што кажа Шилегов ќе биде готово кон средината на наредната година.

    Шилегов денеска го најави почетокот на реконструкција и изградба на над 20 сообраќајници во сите 10 скопски општини во вредност од околу 760 милиони денари.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира