Град Скопје поднесе кривична пријава за лице кое фрлало смет и потоа создавало дива депонија во населбата Бутел. Како што кажа градоначалникот Петре Шилегов за прв пат инспекторите во Град Скопје поднеле кривична пријава за неовластено фрлање смет, досега се поднесувале само прекршочни пријави според Законот за јавна чистота. Кривичната пријава е поднесена за недозволива трговија со отпад врз основа на Кривичниот законик.
Од Инспекторатот на Град Скопје објаснуваат дека лицето со градежен шут, комунален отпад, земја и гранки создавал дива депонија на зелена површина на улицата Александар Рударевски во општина Бутел. Притоа им наплаќал на лица за услугата тие да се ослободат од сметот, со што сторил кривично дело за кое казната е од 3 до 5 години затвор.
„За првпат во историјата на Град Скопје денеска е напишана првата кривична пријава за неовластено фрлање смет. Станува збор за лице фатено на самото место, на улицата Александар Урдаревски во општината Бутел. Градскиот инспекторат во соработка со Министерството за внатрешни работи изврши увид, земени се сите докази и е поднесена кривична пријава. Нема да правиме компромис со никого кога станува збор за чистотата во нашиот град. За чистотата во нашиот град ќе се грижиме сите заедно, зашто сите заслужуваме да живееме во многу поубаво и почисто Скопје“, рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на денешната акција за чистење на улицата Христо Татарчев, во Кисела Вода.
Град Скопје заедно со Општините и јавни претпријатија денеска и утре ќе спроведат акција за масовно чистење, миење на улиците, кастрење на зеленилото и санирање на ударни дупки.
А. АНТЕВСКА