ГРАД СКОПЈЕ РАСПИША КОНКУРС ЗА ПАРК СО ЛЕТНА СЦЕНА НА МЕСТОТО НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА

    ГРАД СКОПЈЕ РАСПИША КОНКУРС ЗА ПАРК СО ЛЕТНА СЦЕНА НА МЕСТОТО НА УНИВЕРЗАЛНА САЛАВо конкурсот се бара на просторот покрај парк да биде предвидена и отворена летна сцена, со што на овој простор и во иднина ќе можат да се одржуваат концерти и други настани; - Универзална сала / Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје објави конкурс за избор на идејно решение за парк на местото на Универзална сала. Откако Асоцијацијата на архитекти на Македонија предложи новата Универзална сала да се гради на нова локација, а на постојната да се направи парк, Град Скопје ја почна постапката за реализација на оваа идеја. Во конкурсот се бара на просторот покрај парк да биде предвидена и отворена летна сцена, со што на овој простор и во иднина ќе можат да се одржуваат концерти и други настани.

    Во конкурсот стои дека дизјанот на предложените решенија треба да се одликува со функционалност и применливост, односно да се дизајнира простор кој во естетска смисла ќе стане препознатлив белег на градот, односно ќе го облагороди просторот и со своите содржини ќе ги привлече граѓаните активно да го користат. Предложениот дизајн треба да одговори на потребите како на граѓаните од станбената населба која се наоѓа околу локалитетот така и на сите граѓани во Скопје, да ја зголеми вредноста на просторот и да се вклопи во околината. Пред сè потребно е просторот да биде корисен, функционален и одржлив, што би се остварило преку очекувани оригинални, креативни и иновативни идеи.

    „Со цел да се задржи духот на местото и овој простор да продолжи да живее во колективната меморија, препорачуваме авторите во своите конкурсни трудови да направат дизјан кој ќе има елементи на реминесценција на постојната Универзалната сала или како опција дозволено е да се искористат делови од постоечката Универзална сала, како од надземните така и од подземните делови на објектот, со што би му се искажала почит кон стариот објект“, велат од Град Скопје.

    Претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски на 13 јуни за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека на Град Скопје му предлагаат Универзална сала да се гради на друга локација, оти она што се бара во програмата е преобемно за оваа локација. Пановски вели дека станува збор за густо изграден дел од градот, со булеварот Партизански одреди од една страна, од каде нема да може да се изведе влез во подземен паркинг. Од другата страна, пак, е улицата 29 Ноември која е тесна, со две сообраќајни ленти и нема да може да ги задоволи потребите за пристап кон ваков тип на објект. При секој концерт или настан ќе се создава хаос во сообраќајот, но ќе биде попречено и движењето на пешаците и локалните жители.

    Од Асоцијацијата на архитекти како прва варијанта каде може да се гради новата Универзална сала на Скопје, го предлагаат делот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Станува збор за просторот зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ и салонот на „Хонда“ во Карпош 3. Според архитектите, овој простор е соодветен бидејќи туку веќе се изградени вакви содржини и би се добила една целина, спортски објект, базен, хотел и концертна сала.

    „Ја разгледувавме и идејата за просторот кај стаклениците на ЈП ‘Паркови и зеленило’ во Карпош, што е во близина на крајниот дел од Градски парк. Тоа не значи дека ќе се уништи паркот или зеленилото туку самиот објект да биде во паркот. Ова се само првични размислувања, ние ќе бидеме отворени за разни дискусии, каде е најдобро да се направи новата Универзална сала“, рече Пановски.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира