ГРАД СКОПЈЕ ЗАБРАНИ ФРЛАЊЕ ОТПАД ВО КОНТЕЈНЕРИТЕ ОД 22 ДО 6 ЧАСОТ, КАЗНАТА Е 50 ЕВРА

    ГРАД СКОПЈЕ ЗАБРАНИ ФРЛАЊЕ ОТПАД ВО КОНТЕЈНЕРИТЕ ОД 22 ДО 6 ЧАСОТ, КАЗНАТА Е 50 ЕВРАПрвите неколку месеци ќе важат само опомени, а ако се покаже несоодветна мерката ќе биде укината, одлучи советничкото мнозинство во Град Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Во Скопје се забранува фрлање комунален отпад во контејнерите во периодот од 22 часот до 6 часот, а за непочитување следи парична казна од 50 евра, одлучи денеска Советот на Град Скопје на втората седница. Првите неколку месеци ќе важат само опомени.

    На седницата, како дополнителна точка на дневен ред беше Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за комунален ред во градот Скопје. Со оваа одлука се воведува временска рамка за одлагање на ѓубрето.  Според образложението на службите на Град Скопје, целта на одлуката е да се воведе правна рамка со која ќе му се помогне на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ при собирањето на сметот. Рекоа дека мерката со која се дозволува фрлање отпад од 6 до 22 часот можеби не е идеална, но дека нејзиното спроведување ќе биде следено преку комуналното претпријатие и инспекциските служби, а ако се покаже за несоодветна ќе биде коригирана.

    „Ако се погледне компаративно, во сите поголеми градови времето за фрлање на смет е лимитирано. Нашето претпријатие има динамика на собирање на смет, а таа динамика завршува во 22 часот, кога садовите се празнат. Доколку по 22 часот се полнат садовите нормално е дека цела вечер и целиот нареден ден корпите или садовите за отпад ќе бидат полни, бидејќи не се празнат преку целиот ден. Не може кога постои голема гужва или динамика во градот да се чисти и да се собира смет. Определен е временски термин за собирање на сметот“, велат од Градот.

    Советниците на Левица гласаа против одлуката што ја сметаат за скандалозна и дека ќе стимулира создавање диви депонии.

    „Не може вината за нефункционалноста на комуналното претпријатие да ја префрлате врз граѓаните. Комуналното претпријатие треба да си ја извршува својата дејност редовно, а граѓаните во никој случај не смеат да бидат ограничени кога можат да фрлаат ѓубре. Тоа не само што се коси со Уставот и со законите, туку е невиден скандал“, рече советничката Катерина Јовановска од Левица.

    Со денешната одлука на Советот се врши измена и дополнување на Одлуката за комунален ред во Градот Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира