Граѓанската група „Борба за Влае“ денеска на плоштадот Делфина на граѓаните им делеше анкетни листови и ги информираше за Детален урбанистички план (ДУП) Влае 2, кој целосно ќе ја бетонизира населбата и ќе се оневозможи хуман живот. Граѓаните имаат рок до утре до 15.30 часот да поднесуваат анкетни листови со забелешки за планот, но тоа мора да го направат во бараките на Општина Карпош, а не во месната заедница Влае, како што беше пракса досега.
„Не дозволуваат да поднесуваме анкетни листови во урбана заедница Влае туку мора да одиме во Општина, а има повозрасни граѓани кои сега нема да можат да си го реализираат своето право. Постојат неколку парцели кои ќе доведат до целосна бетонизација на населбата и ќе го оневозможат хуманиот живот. Една од нив е огромната зграда на 12 ката која зафаќа државно земјиште. За оваа парцела противзаконски е купена улицата Есперанто и Обвинителството по допрен глас треба да го анализира овој момент, како и моментот дека таа висококатница е против сите урбанистички правила и закони, во однос на габарит, предвидено население и инфраструктура“, рече Јована Стефановска од „Борба за Влае“.
Зградата е нацртана веднаш до основното училиште „Димо Хаџи Димов“, па децата нема да имаат имаа зрак сонце, ќе имаат безброј возила кои ќе минуваат покрај школото и, како што рекоа од „Борба за Влае“, ќе биде оневозможено нормално да се реализираат и школуваат.
„Покрај Вардар, на единствената тревна површина е нацртан еден огромен објект за кој градоначалникот Стевчо Јакимовски вели дека е градинка. Тоа не е точно, вистината е дека тука е предвидена Б2 намена односно здравство и социјала со 40 проценти компатибилна намена што дозволува тој објект да биде пренаменет за зграда за комерцијални објекти. Значи сето тоа е позадината. Исто така и градинката во школото е со 40 отсто компатабилна намена. Вработените во Општина Карпош се принудени и уценети од градоначалникот да постапуваат противзаконски и против интересите на граѓаните. Ние од нашите даноци го плаќаме градоначалникот и неговата администрација, а тие работат спротивно на нашите интереси и веќе на граѓаните им е пукнат филмов од вакво насиле кое се врши не само во Влае туку во цело Скопје“, рече Стефановска.
Од „Борба за Влае“ велат дека активностите на терен и анкетите покажуваат дека дури 90 отсто граѓани не знаат како се гледа синтензен план, како се поднесуваат анкетни листови, па урбаната мафија го искористува тоа.
„На јавната презентацијата на нашите граѓански прашања се одговараше агресивно, ни велеа не сте вие архитекти, нема што со вас да разговараме. Се спротивставија на нас и градежните и урбаните мафијаши кои всушност и го цртале овој план и ние од нив веќе долго време имаме притисоци“, вели Стефановска.
Планот за Влае 2 е вторпат ставен на јавна анкета, откако првиот пат имаше голем број забелешки од граѓаните. Од Општината велат дека направиле измени и отстапки како што барале граѓаните. Но, во тие измени и отстапки не влегува и 12-катницата која целосно ќе го блокира и бетонизира Влае, ниту пак маркичката за градинка во приватен имот.
А. АНТЕВСКА